ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата, реагираат од оваа партија на изјавата од премиерот Христијан Мицковски дека има сознанија дека ДУИ се подготвуваат да предизвикаат дестабилизација.
– Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија.
Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали.
Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели.
Веднаш поканете ја меѓународната заедница да испрати експерти за целосна проверка на секој од нас и на вас, вклучително и истрага за процесот на приватизација, се вели во соопштението на ДУИ.