Демократската унија за интеграција изразува неверување и длабока загриженост за одлуката на новата Влада, со, како што велат, „моноетнички легитимитет да ја смени алатката балансер што ја одредува правичната застапеност на сите етнички заедници пред целосно да ја поништи“
Игнорирајќи ги последните податоци од пописот кои покажуваат дека Албанците сочинуваат 29,5 отсто од населението, оваа влада одлучи да го врати процентот под 25 отсто, врз основа на пописните податоци од пред 20 години.
Оваа акција претставува директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот рамковед договор“, појаснуваат од партијата на Али Ахмети.
Во меѓувреме, додаваат оттаму, „губитниците на изборите и партнерите на Стоилковиќ, заробени и немоќни, немо набљудуваат, но и активно придонесуваат за секојдневно деградирање на положбата на Албанците“.
„Тоа е јасна последица на тоа што тие не се избрани претставници на албанската заедница, туку претпочитан партнер на ВМРО ДПМНЕ, ставајќи ги позициите во преден план, иако добија само трошки од институциите одземени од нивните надлежности. Демократската унија за интеграција е решена да го брани принципот на правична и еднаква застапеност на сите етнички заедници и нема да дозволи каков било обид за поткопување на важните достигнувања на Охридскиот договор“, стои во партиското соопштение.
Балансерот од денеска е прочистен. Од него се извадени сите лица кои се попишани во Италија, Швајцарија, Германија, а остануваат само резидентите жители на Македонија. Ова го соопшти новиот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Според него, укинувањето на механизмот „балансер“ ќе се одвива во фази. Андоновски истакна дека првата фаза е враќање на законските основи на пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологија, ќе се оди кон целосно укинување, при што, како што вели, целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот и соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Алатката „балансер“ почна со примена во 2016 година со цел да се исполни уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Преку оваа алатка се врши електронски распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност.
Од почетокот на примената до денес на површина излегоа бројни злоупотреби со етничката самоидентификација, па дури и случаи окога едно лице на разни огласи за вработување во јавниот сектор се јавува според етничката припадност што се бара – еднаш Македонец, другпат Бошњак, третпат Ром или Албанец.
Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.