Дука: Епидемиолошката состојба во Дебар е стабилна, мерките и понатаму строго да се почитуваат

од Берта Китинска
354 прегледи

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, денеска на редовната прес-конференција во понеделник ја оцени за стабилна епидемиолошката состојба во општината. Тоа, како што рече, го потврдува податокот дека нема нови заразени со Ковид-19, а нема ни пациенти во Општата болница кои се со симптоми на овој вирус.

– Ние треба и понатаму оваа стабилна состојба да ја сочуваме, со почитување на препораките, а тоа е изолација за време на полицискиот час, неизлегување од дома без неопходна потреба, одржување физичка дистанца, носење заштитна маска. Апелирам доколку некој почувствува симптоми слични на грип или симптоми со инфекција на Ковид-19 веднаш да се јави во Општата болница, за понатамошно соодветно третирање, изјави Дука.

Информираше дека на седница на општинскиот Оперативен штаб, со кој тој раководи, станало збор и за економските последици од актуелната состојба со пандемијата.

– Познато е дека Дебар и Центар Жупа еден месец беа под карантин што предизвика удар врз економијата, посебно бањскиот туризам, хотелиерството, занаетчиството, кафетериите и транспортерите. Ќе се потрудиме да подготвиме општа анализа за тоа колку се нивните загуби и со таа студија ќе побараме од Владата загубите да се покријат, рече Дука.

Тој го посочи и проблемот на слабата наплата на сметките кон Јавното комунално претпријатие „Стандрад“ за потрошена вода и подигнат смет, која сега изнесува само 17 отсто.

Побара од домаќинствата и правните субјекти да ги подмират долговите кон „Стандрад“ и, како што рече, да се солидаризираат со вработените во претпријатието кои во целиот период се постојано на терен за собирање на сметот, спроведување дезинфекција, а продолжуваат непрекинато и со миење на улиците.

Слични содржини