Дуковски: На Васил му пресуди јавноста, важеше начелото „око за око, заб за заб“

Според Дуковски, судот испитува дали признанието на вина е доброволно дадено и дали каењето е вистинско, посочувајќи дека тоа е направено повеќе пати и дека тоа го потврди и вештачењето.

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Пресудата од 12 години тврдам е донесена под огромен притисок од јавноста, тука важеше начелото „око за око, заб за заб“ и јавноста му пресуди на Васил Јованов. Јас не барам да му се даде орден за тоа што го направил, но да се даде разумна казна во рамките на судската пракса досега за вакви кривични дела. Инаку, сообраќајки имало и ќе има, изјави адвокатот Сашко Дуковски пред Апелациониот суд Скопје,каде денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Васил Јованов беше прогласен осуден на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Според Дуковски, судот испитува дали признанието на вина е доброволно дадено и дали каењето е вистинско, посочувајќи дека тоа е направено повеќе пати и дека тоа го потврди и вештачењето.

-Не може четири пати да се каете. На судењето пред првостепениот суд ние изведовме како доказ видео веднаш после настанот каде што се гледа искрено, категорично и недвосмислено каење со зборовите „леле што сторив, греота за девојчето“. Тоа не е искрено? На самото рочиште го кажа тоа, кај судијата на претходна постапка, во вештачењето. Не можете вие да го измамите вештото лице, кое што е вештак Маркециќ, ангажиран од страна на Обвинителството долги години, кој што тврди дека каењето е сериозно, лично и недвосмислено, изјави Дуковски.