Мијатовиќ: Лустрацијата да не се користи за замолчување на критичарите

од Vladimir Zorba
126 прегледи

Одлуката на Комисијата за верификација на фактите за лустрирање на Јадранка Костова, главен уредник на „Фокус“, може да се смета за притисок врз магазинот и загрозување на овој медиум, што како последица може да има поразителен ефект за слободата на медиумите во вашата земја.

35CD129F-C661-45AF-9AE7-79E4C97BCD75_w308_h173

Тоа му го напишала Дуња Мијатовиќ, Комесар на ОБСЕ за слобода на медиумите , во писмото до претседателот на македонската Лустрациска комисија, Томе Аџиев.

Како што соопшти ОБСЕ, Мијатовиќ изразува загриженост поради одлуката за прогласување на Костова за информатор на тајните служби од 1993 до 1996 година. Сепак, таа во писмото посочува дека не ја оспорува лустрацијата, туку само посочува дека не смее да се користи како алатка за замолкнување на критичарите.

„Земајќи предвид дека „Фокус“ е веќе под притисоци, вклучувајќи и низа граѓански парници за клевета со крајно високи побарувања од магазинот и од неговите новинари, одлуката на Комисијата за верификација на фактите може да се смета за притисок врз магазинот и загрозување на овој медиум, што како последица може да има поразителен ефект за слободата на медиумите во вашата земја“, му пишува Мијатовиќ на Аџиев.

Таа додава дека ќе продолжи да ја набљудува одблиску ситуацијата и нејзиниот понатамошен развој, кој може да има негативен ефект врз слободата на говор и слободата на медиумите.