Дурмиши: Ако КЗК кажале дека има „картелско здружување“ на маркети, тогаш им верувам

од Nikola Popovski
72 прегледи

Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе контрола во над 1000 трговски објекти до крајот на неделава, по што ќе излезат со податоци за евентуално непочитување на мерките за ограничување на маржите на производите. Како што информира министерот за економија, Бесар Дурмиши казните се во висина меѓу 500 до 10 илјади евра, па и затворање на маркетите во траење од 15 дена. Очекува дека со ваквата одлука, цените ќе се намалат во просек од 10%.

Дурмиши вели дека ја поздравува одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата за прекршочна постапка за четири големи ланци маркети, но и против една од поголемите комори во земјава. Се обвинети дека склучиле договор за формирање цени, односно картелско здружување.

-На секој ваков договор што е нелегален ќе му се спротивставиме според сите ингеренции што ги имаме во законот. Ја поддржуваме иницијативата и Комисијата да врши проверки на терените. За одлуката за замрзнување на маржите, првите информации се дека се почитува. ДПИ е надлежен. Идната недела ќе имам пак состанок со нив, рече Дурмиши на брифинг со новинарите.

Запрашан дали има „картелско здружување“, министерот вели дека не е надлежен за тоа и тоа е во надлежност на КЗК.

-Тие се релевантни и они ако кажале дека постапуваат, јас им верувам. Веќе известуваат дека најдени се податоци за кршење на законот, тогаш верувам дека има, додаде Дурмиши.

Натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или „замрзнати цени“ веќе се истакнати во дел од маркетите. Онаму каде ги нема, веднаш да се залепат, апелира инспекцијата.

Стандардот на граѓаните ќе се штити и преку новиот Закон за потрошувачи кој доби зелено светло во законодавниот дом. Големите маркети треба јавно на интернет-страница да ги објават цените на производите за купувачите да знаат каде е најевтино.

Слични содржини