Министерот за економија, Бесар Дурмиши тврди дека доколку Владата не ја донела одлуката за есенска потрошувачка кошничка, инфлацијата ќе била поголема од 2,6% и ќе дошло до раст на цените на прехранбените производи.
-Првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот.
Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите, посочи Дурмиши.
Тој на прес-конференција во Владата изјави дека согласно Законот за нефер трговски практики, кога добавувачите и трговците ќе ги усогласат цените, новите производи ќе излегуваат со намалени цени.
На новинарско прашање кога трговците ќе ги потрошат старите залихи и кога ќе се очекува намалување на цените, Дурмиши вели дека на крајот на овој месец и почетокот на идниот месец.
Во овие три месеци додека се усогласат цените согласно Законот за нефер трговски практики, пазарните инспектори ќе даваат опомени и совети на фирмите за да можат да го почитуваат законот. Според најавите, казните ќе се пишуваат од почетокот на наредната година.