Инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од-1,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави на Фејсбук министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година споредено со март 2024 година инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7%. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на бруто-профитна маржа на 102 групи на основни прехранбени производи, како и Одлука за утврдување на највисоки цени на 8 групи на основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа во трговија на големо и мало на 102 групи на производи или над 1000 прехранбени и непрехранбени производи се опфатени:
5% бруто профитна маржа на основите 8 прехранбени производи млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко),
10% бруто профитна маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини),
15% бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи основни прехранбени производи: млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.