Министерот за економија, Бесар Дурмиши информира дека цените нема да бидат замрзнати, туку ќе се ограничи профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 проценти. Ова се однесува во однос на предлогот за есенската потрошувачка кошница кој што бил резултат на средбата меѓу надлежните со производителите и маркетите.
Овошје, зеленчук, грав, месо, ориз…ова се дел од производите што ќе се најдат во есенската кошница.
Како што информира Дурмиши, за оваа мерка Владата најверојатно ќе дискутира на следната седница идната недела.
-Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец, истакна министерот.
Дурмиши најави дека ваквата акција ќе продолжи и во наредниот период, но и во 2025 година во вид на „зимска, велигендска и рамазанска кошница“.
Законот за нефер трговски практики треба да стапи на сила кон крајот на месецов и со него би требало да се ограничи маржата на околу 2.500 производи. Целта е да се заштитат потрошувачите и производителите од трговците.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски откри дека вчера имало предлог од Министерството за економија и труд за есенската потрошувачка кошничка.
-Сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем и веќе очекувам на следната владина седница да биде на дневен ред, рече Мицкоски.
Граѓаните со нетрпение ја очекуваат оваа мерка, која би требало значително да им ги намали трошоците за живот.