Дурмиши најавува поригорозни мерки доколку драстично поскапат производите

од Nikola Popovski
20 прегледи

Министерот за економија Бесар Дурмиши најавува поригорозни мерки доколку цените на прехранбените производи драстично се покачат наредниот месец, по завршувањето на мерката есенска потрошувачка кошничка. Министерот сепак, тврди дека податоците покажуваат дека цените се намалени.

-Во наредниот месец очекуваме повторно намалени цени поради тоа што стапува на сила Законот за нефер трговски практики. Ако трговците ги покачуваат цените и тоа го видиме на терен, ќе донесеме поригорозни мерки, кажа Дурмиши во изјава пред медиумите.

Дурмиши информира и дека Комисијата за заштита на конкуренција веќе има проширен состав и дека тројца нови членови ќе работат специјално на спроведување и одредување санкции за оние кои го прекршуваат Законот за нефер трговски практики.

Со овој закон, кој опфаќа околу 2.500 производи, се очекува намалување на цените во маркетите преку уредување на односите помеѓу трговците и добавувачите, но според министерот Дурмиши оваа година нема да има казнување, туку тоа ќе започне од следната година.

Во септември, Владата на седница ја донесе мерката за ограничување на бруто профитна маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во изјава за медиумите на прес-конференцијата по повод 100 дена од работењето на новата Влада го изнесе нејзиниот личен став дека не се согласува со оваа мерка бидејќи државата нема доволно капацитети да го контролира применувањето на мерката. За Димитриеска-Кочоска, ефектите ќе се почувствуваат со Законот за нефер трговски практики.

Според последните податоци на Сојузот на синдикати пак, оваа мерка придонесе минималните трошоци во рамки на таканарчената синдикална кошничка на едно семејство во октомври да се намаленат за само 57 денари. Државната статистика објави дека втор месец по ред се намалува просечната плата.

Слични содржини