Министерот за економија, Бесар Дурмиши оцени дека мерката за ограничување на маржите ги дала посакуваните резултати и дека во март инфлацијата била 2,7%, а споредено со февруари има дефлација за 1,3%. Во делот на храна и пијалоци, министерот истакнува дека намалени се цените. Истите информации покажуваат дека и овој месец цените во делот на храна и пијалаци се намалени, така што оваа мерка дава резултати, додава тој.
Дурмиши најавува дека доколку има девијантно однесување од страна на трговците или ако има енормо зголемување на цените, повторно ќе се преземат соодветни мерки, па дури и построги.
-Поригорозни мерки ако на пример: сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи деа ќе опфатиме уште повеќе групи – скоро се ќе ставиме со одлуката што ќе ја донесеме, ќе ги опфатиме скоро сите производи што ги имаат ланците маркети, со ограничување на маржите на сите тие производи или вредноста на ограничувањето на маржите ќе биде поголема, рече министерот.
За изработката на потрошувачката кошничка, Дурмиши рече дека постои нацрт-верзија и дека се дискутира за неа. Очекува во наредниот период да биде достапна за целото општество.
-Сметам дека ќе бидат опфатени сите граѓани и ќе биде прецизирано за производите и цените. Работиме во оваа насока. Мислам дека идниот месец ќе го имаме документот, кажа министерот, одговарајќи на новинарски прашања. Уште не е одлучено дали кошничката ќе земе во обѕир тричлено или четиричлено семејство.
Ограничувањата на маржите почна на 20-ти февруари. Мерката донесе преку 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и на мало. Беа затворени осум објекти, претежно увозници на овошје и на зеленчук. Казните собраа преку 3 милиони денари.