Дурмиши не гледа одговорност за кочанската трагедија и вели дека не е надлежен за дали гледа вина кај Бектеши

од Nikola Popovski
375 прегледи

Запрашан дали гледа вина кај неговиот претходник Крешник Бектеши за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, сегашниот министер за економија Бесар Дурмиши одговори дека не е надлежен за давање на изјави и мислење околу тоа.

-Другите надлежни органи се тие кои треба да кажат било што околу тоа, рече кратко Дурмиши на прес-конференција во Влада.

На новинарско прашање каде е неговата одговорност бидејќи е чело на Министерство кое издавало лиценци и во моментот на несреќата, „Пулс“ немала важечка дозвола, Дурмиши вели дека нема некој во државата кој не чувствува морална одговорност. Сепак, според неговите зборови, тоа не е изолирана трагедија туку е вина на системот.

-Министерството за економија нема механизам и не е надлежна за проверка дали некој клуб има лиценца. Нема механизам за контрола. Во Министерството се прават политиките и законите. Одговорноста е кај тие институции кои треба да бидат на терен и да вршат контрола, истакна Дурмиши.

Министерот најави и зголемени казни за дискотеките и ноќните клубови во споредба со минатиот Закон за угостителска дејност, со цел да се спречат настани како трагедијата во „Пулс“. Се уште нема конкретни бројки колкави ќе бидат казните, но, како што вели, најверојатно ќе се врати висината од претходните казни пред 2018 година.