Дурмиши соопшти дека минималецот ќе се зголеми за 1667 денари

Минималната плата во Македонија изнесува 397 евра и е една од најниските во регионот

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Бесар Дурмиши

По денешната седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија, Бесар Дурмиши информира дека е утврден растот на минималната плата. Според него, усогласувањето на минималецот секоја година во месец март се врши врз јасно утврдена формула. Оттаму, тоа значи дека платата ќе се зголеми за 6,86 проценти односно 1667 денари. Со тоа, минималецот сега ќе изнесува 26.046 денари.

На денешната прес-конференција, министерот кажа дека законското усогласување е донесено од претходно кога се согласиле сите синдикати, работодавачи и Владата. Денес не се разговарало за менување на формулата туку само известување за минималецот по земените податоци од ДЗС.

-Сите други што беа внатре се согласија со ова известување бидејќи ова е само известување и по законот сме должни да ја објавиме минималната плата, рече Дурмиши.

Минималната плата во Македонија изнесува 397 евра и е една од најниските во регионот. Согласно законото, секој март таа се зголемува за половина од зголемувањето на просечната плата, односно 50% од трошоците за живот. Колкав број од вработените ја примаат прецизни податоци нема, но проценките се дека станува збор за неколку десетина илјади. Пресметките на синдикатот се дека нејзината вредност е безмалку тројно пониска од месечната потрошувачка кошничка.