Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши попладнево ќе има средба со трговците, производителите и дистрибутерите на која ќе стане збор за цените на прехранбените производи. Како што информира, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, најави, Владата ќе воведе ригорозни мерки.
Дурмиши не прецизираше за какви мерки конкретно станува збор, ниту кога точно ќе бидат донесени.
Според него, инфлацијата „од трпезата премина на резервоарите“.
-Во мај, по завршувањето на мерката, имавме инфлација во делот на храната и пијалаците од 1,1, а во јуни 0,8, сега е 0,3. Значи, цените се стабилизираат. Но, денеска повторно, иако цените се стабилизираат, ќе имам состанок со сите трговци, производители и дистрибутери. Очекувам најголемите дистрибутери и трговци да дојдат. Ќе бидете известени на време кои ќе бидат нашите идни чекори и кои мерки ќе ги пеземеме. Работиме на изнаоѓање долгорочно решение за индиректно да влијаеме врз инфлацијата, а тоа е да ги поддржиме домашните производители, особено земјоделците, за подолг период. Народната банка и Министерството за финансии на подолг период треба да се борат со инфлацијата, а Министерството за економија и Министерството за земјоделство работат во делот каде што се надлежни, потенцира Дурмиши на денешната прес-конференција.