ДВ: Срамна игра на хрватската граница

од Vladimir Zorba

Европската унија ги игнорира бројните извештаи за присилно враќање на бегалците и мигрантите од хрватската граница кон БиХ, што ги поддржува нелегалните активности на членка на ЕУ, оцени денеска Дојче веле (ДВ) во коментарот под наслов „Срамна игра на хрватската граница“.

Авторот наведува дека светските медиуми со години известуваат за бруталното однесување на хрватската полиција кон мигрантите на хрватско-босанската граница и дека оваа тема е на агендата на Европскиот парламент веќе подолго време, но ништо не е променето.

Хрватска рутински ги негира сите обвиненија и не е единствена во ова. Јасно е дека ЕУ толерира такво однесување, веројатно дури и го очекува тоа. И не само оние членови кои обично се непријателски расположени кон мигрантите – како што се земјите од Вишеградската група, Унгарија, Полска, Чешка или Словачка – туку во основа сите земји. Бидејќи во меѓувреме, без оглед на сите приказни за хуманоста или правото на азил, сите се среќни кога што помалку бегалци ќе влезат во нивната земја, се вели во текстот.

Главната надворешно-политичка цел на Хрватска е да влезе во т.н. Шенгенски простор и за да се покаже соодветна за тоа, Хрватска се претставува како строг и сигурен чувар на надворешната граница на ЕУ – особено кога станува збор за запирање на приливот на мигранти и бегалци, што, додава авторот, се очекува од неа, додека одредбите од Европската конвенција за човековите права, Женевските конвенции за бегалците или европските одредби за постапките за азил овде играат споредна улога.

Според авторите, ставот на ЕУ е „навистина срамен и скандалозен“.

Настаните на хрватско-босанската граница претставуваат кршење на законот и принципите на човештвото, но и на саморазбирањето на ЕУ како отворено, либерално и социјално општество. Долгогодишното толерирање на ваквите практики од страна на Европската комисија и земјите-членки на ЕУ се израз на цинизам, лицемерие и незнаење. Што може да се гради на такви темели? Во секој случај, ништо што би било долготрајно и одржливо. И, секако, не некоја заедница на вредности, што ЕУ ја тврди за себе, заклучува во коментарот.

Слични содржини