„ДВ“: За Приштина нема нормализација на односите без српско признавање

од Vladimir Zorba
206 прегледи

Србија и Косово ја потврдија својата посветеност кон евроинтеграциите и дијалогот под покровителство на Европската унија (ЕУ) во Брисел, враќајќи го дијалогот „дома“ од „патувањето“ во Вашингтон, пишува денес Дојче веле (ДВ).

Третата рунда од обновениот дијалог меѓу Белград и Приштина, што се одржа вчера во Брисел, беше специфична поради повеќе работи.

Прво, траеше пократко од вообичаените маратонски состаноци, а втората специфичност е дека заклучоците на сите три страни, во однос на претходната какафонија, овој пат беа едногласни и позитивни.

„Нашите преговори, како и обично, се интензивни и не секогаш лесни, но волјата на обете страни преовладува да ги унапредат своите дискусии, и покрај болните и сложени прашања за кои се разговара“, рече домаќинот, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, „со задоволство потврдува дека има напредок“, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вели дека „не е незадоволен од состанокот“ и ја нагласува важноста за решавање на економските прашања, но и договор за усвојување на закон за враќање на раселените на Косово.

Таквиот дух на едногласност, барем со зборови, со малку конкретни детали за спроведувањето на договорот, беше надграден со заедничката изјава на Вучиќ и Хоти во која обете страни го потенцираат „најголемиот приоритет на интеграција во ЕУ“, според „ДВ“.

Специфичноста на оваа рунда дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел се рефлектира во фактот дека на состанокот, но и на нејзините маргини, се зборуваше повеќе за договорите од Вашингтон, отколку за тоа што е конкретно на маса во ЕУ.

Она што остана исто на оваа рунда дијалог меѓу Белград и Приштина е инсистирањето на косовските претставници на терминот „меѓусебно признавање“, што според веќе виденото сценарио предизвика тревога кај претставниците на Белград.

Меѓусебното признавање, колку и да звучи големо и одлучувачко, се најде, но подоцна беше отфрлено, во нацртот на американскиот документ, кој беше усогласен од трите страни во Вашингтон.

Европејците, од своја страна, не споменуваат меѓусебно признавање во ниту еден документ.

Сигурно е, додава „ДВ“, дека нема нормализација за Приштина без некаков вид признавање од Белград, но исто така и дека оваа форма и нејзината цена мора да бидат прифатлива за српската страна.

Со паралелно решавање на големи и комплицирани прашања, како што се економијата, финансиските побарувања, имотот и статусот на немнозинските заедници, се влегува во клучна фаза што може да биде „да се биде или не“ за конечен договор за нормализирање на односите меѓу двете страни.

„Овие се многу чувствителни и важни теми за идните односи меѓу Србија и Косово и за секојдневниот живот на граѓаните“, нагласува шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

Разговорите на овие теми ќе продолжат следната недела во Брисел, каде што, како што инсистира ЕУ, Србија и Косово ќе се состанат додека не се најдат заемно прифатливи решенија за сите отворени прашања – еднаш засекогаш.

Слични содржини