Двајца лути непријатели се обединуваат против Путин: Русија може да остане без голем адут

Војна е помалку веројатна, но расцепот е вистински и опасен за Москва, оти Ерменија, по 30 години во кои имаше крвави војни со Азербејџан, сега се свртува кон својот некогашен непријател со цел да го истисне Путин од Јужен Кавказ.

од desk2
96 прегледи

Односот помеѓу Русија и Азербејџан многу брзо се влоши по серија брзи жестоки потези од минатиот месец досега, потсетува британски „Телеграф“.

Развојот на судирот почна минатиот месец со апсењето на седуммина државјани на Азербејџан во рускиот град Екатеринбург на Урал. Тие беа притворени во рамките на истрагата во Русија за мафијашки убиства што датираат од пред 25 години.

Во рок од неколку дена, во притвор умреа двајца осомничени етнички Азербејџанци. Останатите на суд се појавија со видливи модринки и други знаци на тепање.

Азербејџан реагираше гневно. Убеден дека не се работи за природна смрт на двајца мажи во притвор, откажа руски културни настани, беше извршен претрес на редакцијата на руската државна агенција „Спутњик“ во Баку, а неколкумина Руси од ИТ кадарот беа упасени под обвиненија за трговија со дрога и киберкриминал.

Потоа на руската државна телевизија се појави заканата дека „Баку би можел да падне за три дена“, што потсетува на реториката пред инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.

 

Алијев сака да преземе контрола врз важен коридор
Војна е помалку веројатна, но расцепот е вистински и опасен за Москва, оти Ерменија, по 30 години во кои имаше крвави војни со Азербејџан, сега се свртува кон својот некогашен непријател со цел да го истисне Путин од Јужен Кавказ.

Илхам Алијев, претседателот на Азербејџан на 10 јули се сретна со ерменскиот премиер Никол Пашињан. Директните преговори се фокусираа на коридорот Зангезур – предложена рута низ југот на Ерменија со која Азербејџан би се поврзал со неговата енклава Нахчиван. Тој коридор би го исполнил сонот за физичко поврзување на Азербејџан со Турција – две држави со мнозинско туркиско население – и би претставувал дел од „Средниот коридор“, кој е трговска рута од Кина и Централна Азија до Европа.

Според договорот за примирје од 2020 година, таа рута би требало да биде надгледувана од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Но сега таквиот аранжман е под прашалник – Алијев сака потполно да ја исклучи Москва од договорот и да преземе потполна контрола.

„Тоа е последниот руски адут во регионот“, вели Нил Мелвин, директор за меѓународна безбедност во британскиот Кралски институт за воени студии (RUSI).

„Им овозможува контрола над трговските рути и влијание врз Ерменија и Азербејџан. Загубата на тоа би бил голем удар“.

Пофлексибилен пристап на Ерменија
Иако разговорите пред една седмица не дадоа крајни резултати, тежиштето се менува. Пашињан минатиот месец го посети турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Истанбул, што е многу значаен настан, знаејќи дека Турција и Ерменија немаат формални дипломатски односи.

Ердоган подоцна изјави дека Ерменија покажува „пофлексибилен пристап“ во врска со коридорот Зангезур, иако претходно остро се спротивставуваше.

Западот во меѓувреме предложи рутата да биде под неутрален меѓународен надзор – швајцарска или американска фирма – што во суштина би ја исклучило Русија.

 

Русија ги остави Ерменците на цедило

Слично како и со Азербејџан, односите на Ерменија со Русија се сериозно нарушени – посебно од 2023 година, кога руските мировни трупи главно се повлекоа при молскавичната офанзива на Баку во Нагорно Карабах.

Речиси целото ерменско население побегна, а Азербејџан беше обвинет за етничко чистење. Оттогаш Пашињан се врти кон Западот и бара помирување со Баку, верувајќи дека Ерменија нема иднина ако остане во непријателски односи со Азербејџан и Турција.

Тоа во Ерменија е многу непопуларно. Пашињан има една од најниските стапки на поддршка од светските лидери, а неодамнешниот судир со Ерменската Апостолска Црква доведе до апсење на двајца архиепископи под обвинение за заговор против власта.

 

Голем удар за рускиот режим
Сепак, според Нурлан Алијев, истражувач од Европскиот колеџ, геополитичките промени на Пашињан ги донесоа поблиску ставовите на Ереван и Баку во поглед на Русија.

„Двете земји сфаќаат дека треба да создадат безбедносна архитектура на Јужен Кавказ без руско учество – структура што би ја поддржале самите регионални сили.
Уште не видовме конечен мировен договор меѓу Азербејџан и Ерменија, но има позитивни сигнали. Таков договор би бил силен удар за руското влијание во регионот“, вели Алијев.

За Илхам Алијев, претседателот на Азербејџан, деновите на слушање на Москва изгледа се завршени. Аналитичарите велат дека тој го користи инцидентот од Екатеринбург не само како потрага по правда, туку и за покажување независност.

„Проблемот во односите со Баку е сериозен. Претседателот Алијев покажа заби, како што би направил секој авторитарен лидер. Тој сега себеси се гледа како победник. Москва повеќе не ги диктира условите“, за Телеграф вели поранешен висок руски дипломат.

 

Москва во дефанзива

Баши Китачајев од Центарот „Карнеги“ во Берлин вели дека Баку го користи инцидентот за да ја потисне Москва во дефанзива.

„Смртта на двајца Азербејџанци во Екатеринбург е само погоден изговор. Азербејџанските власти ја користат ситуацијата за да си ја зацврстат позицијата дома и во странство, подигајќи ги тензиите со Москва“, вели Китачајев.

Промената на курсот дополнително беше потврдена со јавниот телефонски разговор помеѓу Алијев и украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кој се разговарало за засилување на соработката.

Тоа беше јасен сигнал од Азербејџан – земја што долго се сметаше за сојузник на Москва.

 

Западен заговор или страотен удар?
Кремљ, во меѓувреме, се обидува целиот судир да го прикаже како западен заговор.

„Режисерот и диригентот на судирот со Азербејџан доаѓа од вон-советскиот простор“, вели рускиот сенатор Григориј Карасин.

Друг руски претставник, поранешниот агент на КГБ, Владимир Џабаров, отиде чекор подалеку, обвинувајќи ја британската МИ6 и Турција за поттикнување нереди.

Но дупките се појавија многу порано.

Минатиот Божик Русија по грешка собори патнички авион на азербејџанска авиокомпанија. Баку одби да премине преку инцидентот, што го натера Путин да се извини – што е реткост – и да понуди компензација.

Сега, свесни за силата на јавната конфронтација, Азербејџанците не се мислеа многу да возвратат по апсењето во Екатеринбург.

Последиците би можеле да го загрозат и Северно-јужниот коридор – важна трговска рута што ја поврзува Москва со Иран и Индија, а минува низ Азербејџан. Губењето на таа рута би бил сериозен економски удар за Русија, посебно во време кога бара начин да ги заобиколи западните санкции.

 

Русија во борба да го зачува коридорот

Експертот за пост-советскиот простор Аркадиј Дубнов напиша на Телеграм дека главниот интерес на Москва сега е зачувување на тој коридор – свесна дека целосното оддалечување на Баку би можело да ги загрози нејзините планови.

Засега, Русија ќе продолжи да го обвинува Запад, додека зад кулисите ќе се обидува да ги спаси своите позиции. Но за Ерменија и Азербејџан – две земји што беа пост-советски сателити – е јасно дека сѐ повеќе самите го кројат својот пат. А на тој пат сѐ помалку ја има Русија, заклучува британски Телеграф.

Слични содржини