Двајца осомничени за убиство во тетовско

од Nikola Popovski
36 прегледи

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сега 41-годишни жители на селото Порој, од кои првиот е директно осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик сторено во 2013 година, додека другиот му помогнал во извршување на убиството и бил соучесник во – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

Првоосомничениот, на 12 октомври 2013 година, на излезот од селото Пирок, со умисла лишил од живот лице од Тетово поради претходни нерасчистени недоразбирања. Второосомничениот го ставил на располагање својот автомобил и двајцата заеднички набавиле автоматска пушка која на граѓаните им е забранета.

Откако се сретнале со оштетениот, првоосомничениот веднаш започнал да пука, испукал повеќе куршуми, нанесувајќи му телесни повреди со огнено оружје на кои оштетениот им подлегнал. Двајцата осомничени се дале во бегство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата. Согласно донесеното решение, за првоосомничениот притворот е ефективен веднаш, а за второосомничениот, кој е во бегство, притворската мерка ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Слични содржини