Двајца сведоци од предвидените осум ќе сведочат во „Титаник“

од Vladimir Zorba
207 прегледи

Во Кривичниот суд Скопје денеска се одржува ново рочиште за предметот „Титаник“ кој се однесува на злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Поради тоа што поголемиот дел од сведоците не добиле покана, на денешното рочиште ќе сведочат двајца сведоци од предвидените осум.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Минатото рочиште сведочеа шест членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година, а кои изјавија дека не знаеле дека во нивно име е уплатена сума од 60.000 денари на партијата ВМРО-ДПМНЕ како донација и дека за тоа дознале на изјавата во СЈО кога им биле посочени уплатници.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Слични содржини