Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, 27 август 2022 година, во просториите на Министерството за надворешни работи, одржа прес конференција во форма на отчет пред медиумите и јавноста за активностите во првите две години од неговиот мандат (2020-2022).
Во своето обраќање пред медиумите, Министер Османи потсети на петте приоритети кои јавно ги постави како своја мандатна мисија на првата прес конференција која ја одржа како шеф на дипломатијата и инфоримира за напредокот на сите поединечно. Станува збор за добрососедските односи, евроинтеграциите, учеството во регионалната стабилност како стабилен партнер на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, засилување на економската дипломатија и про активност во мултилатералната дипломатија.
Османи истакна дека Република Северна Македонија во овој период успеа да постигне позитивна промена во делот на надворешната политика, отпочнувајќи ги преговорите за членство во Европската Унија и отпочнување на стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави. Воедно, потенцира дека земјата направи големи промени во регионални рамки наметнувајќи се како регионален лидер од аспект на промовирање добрососедска политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања, како и преку новостекнати регионални позиции и промовирање стабилност во регионот.
„Иако Протоколот се донесе низ голема политичка тензија и напнатост, неговото потпишување го сметам за најважниот и најголемиот успех во изминативе две години- и за мене, и за дипломатијата и за државата!“, рече Министер Османи.
Како најважен автентичен придонес во создавањето на регионалните политики на земјата го истакна Преспа форумот за дијалог, кој се наметна како најважна регионална конференција, потенцирајќи: „Република Северна Македонија ја ставивме на мапата на земји кои во светот на дипломатијата се препознаваат како земји кои активно придонесуваат во зајакнувањето на меѓународните односи“.
Министерот ја спомна и иницијативата Б6, која претставува неформална група за брза комуникација меѓу министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан; стратешкиот дијалог со САД што претставува нова пресвртна точка на нашето стратешко партнерство; продуктивната улога во рамките на НАТО алијанската, каде во целост го имаме оправдано нашето партнерство со сојузниците; и како еден од најголемите резултати во овие две години, дипломатскиот успех да обезбедиме поддршка за нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година и во тој контекст овогодинешното претседавање со Медитеранската конференција која преставува платформа за партнерство меѓу ОБСЕ и земјите од Медитеранот, т.е. земјите од Северна Африка и Блискиот исток.
Во рамки на економската дипломатија, ги спомна упатувањето на четирите економски советници во бизнис таргетирани дипломатско конзуларни претставништва: Анкара, Абу Даби, Варшава и Минхен, како и учеството во организација на најголемата светска манифестација Дубаи Експо 2020, која беше Донација од Абу Даби, и учеството на Осака Експо 2025, што Министерот исто така успеа да го обезбеди како донација од домаќинот при посетата во Јапонија.
Османи за оваа прилика подготви и извештај во кој се собрани уште многу детали од работата во изминатите две години: од отворање на новата амбасада во Братислава до проектите за дијаспората, како што е М-каратата, и многу важниот проект за нашите граѓани во странство, употребата на мобилните станици за издавање патни исправи.
„Има секако многу проекти, многу политики, многу реформи, и јас сум навистина задоволен и од сработеното и од постигнатите резултати. Ова е само половина од мандатот, продолжуваме со исто тепмо и во следните две години“, заврши Министерот Османи.