Две нови имиња во составот за денешниот меч кој стартува од 15.30 часот во Арената „Молот“ во Перм.
Селекторот на нашиот сениорски национален состав, Александар Тодоров ги пополни оние 12. места кои ќе влезат во официјалниот протокол за средбата со Русија.
Се одлучи на натпреварот со домашната селекција која стартува од 15.30 часот (по македонско време), да им укаже доверба на следниве играчи:
Дамјан Робев, Виктор Ефремовски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Филип Бакоч, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.
По поразот од Италија вчера од 92:84, избранците на Алекандар Тодоров ќе се обидат да го подобрат впечатокот и покрај тоа што одиграа повеќе од добро против лидерот во групата Б.
„Покажавме дека можеме да играме против тим кој е прв на ранкингот на ФИБА во моментов. Успеавме не само да бидеме рамноправни, туку и да водиме повеќе од 18 минути од мечот. Покажавме тотално поинакво лице во однос на натпреварите лани. Ова е група која како тим има светла иднина и група на која сум исклучително горд. Ни претстојат уште три натпревари кои ќе бидат многу тешки, но на крајот најверојатно се ќе се сведе на мечот со Естонија в понеделник“, изјави селекторот Тодоров по поразот од Италија.