Андреј Кондратјев, заменик-генерален директор и главен дизајнер во руската одбранбена компанија „Курганприбор“, бил брутално нападнат со чекан пред својата станбена зграда во градот Курган. Инцидентот се случил на 22 мај, додека се враќал дома од работа, објави локалниот портал „Област 45“.
Според информации од рускиот Телеграм канал „База“, познат по блиските врски со безбедносните служби, Кондратјев претрпел сериозни повреди на главата и веднаш бил хоспитализиран. Иако мотивите сè уште не се целосно познати, постои сомнеж дека нападот може да е поврзан со неговата работа во одбранбената индустрија. Напаѓачот сè уште не е уапсен.
Компанијата „Курганприбор“, во која работи Кондратјев, е под санкции од страна на САД и Европската Унија. Таа е клучен производител на компоненти за ракети и системи за навигација, и се смета за една од основите на рускиот воено-индустриски комплекс. Иако Украина во минатото преземаше одговорност за напади врз лица поврзани со руската инвазија, засега нема официјална реакција од украинските власти, а „Киев Индепендент“ објави дека не може независно да ги потврди деталите за нападот.
Овој инцидент следи по сличен случај што се случил десет дена претходно. На 9 мај, во градот Коломна (Московски регион), 74-годишниот инженер Владимир Недошивин, еден од главните дизајнери на рускиот ракетен систем „Искандер“, бил пронајден во несвест на скалите од својата зграда. Неколку дена подоцна починал во болница. Според извештаите, инцидентот бил резултат на кавга со негов сосед.
Наводно, Недошивин, кој по пензионирањето живеел осамен и се борел со алкохолизам, уринирал во заедничкиот простор на зградата, што довело до вербален и потоа физички конфликт со 32-годишниот водоинсталатер Анатолиј Колобајцев. Соседот го турнал инженерот по скалите, што довело до фатални повреди. Недошивин со децении работел во руската компанија КБМ, каде што имал клучна улога во развојот на ракетниот систем „Искандер“, кој и денес го користат руските сили во војната против Украина.