Движењето Слободни и независни, предводено од Работничката партија со загриженост и индигнација го следи вчерашниот, како што велат, тотален хаос на програмата на Македонската радио-телевизија (МРТ), кој се случи токму пред локалните избори. Оттаму истакнуваат дека неемитирањето на Дневник 1 во 17:00 часот, откажувањето на Дневник 2 во 19:30 со реприза на кулинарска емисија наместо вести, и “мракот” во дебатната емисија “Објектив” во 20:15 часот, „не е случајна техничка грешка, туку јасен доказ за длабоката криза во јавниот сервис, кој со години е под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ“.
-Овие „чудни промени“ во програмата се само врвот на мразот на систематското манипулирање со медиумот. МРТ, којашто треба да биде гласот на граѓаните, се претвори во приватен инструмент на владејачката партија, каде што вестите се цензурираат, дебатите се саботираат, а вистинските проблеми на народот се игнорираат. Затоа, досега не е организирано ниту едно јавно соочување меѓу кандидатите за градоначалници на Скопје – затоа што ВМРО-ДПМНЕ сака да ја скрие слабата и архаична програма на нивниот кандидат, Орце Ѓорѓиевски, кој изгледа изгубен во времето и просторот, неспособен да одговори на предизвиците на модерното Скопје.
Како да се избере градоначалник кој бега да се соочи со политичките противници? Дали утре ќе бега и од граѓаните, прашуваат од „Слободни и независни“.
Според движењето, „Орце Ѓорѓиевски и МРТ се идеална двојка, дуо без кормилар, некомпетентни и одвоени од реалноста“.
-Додека граѓаните бараат транспарентност и правична дебата, ВМРО-ДПМНЕ преку МРТ се обидува да го задуши гласот на опозицијата и да го замагли вистинското лице на нивниот кандидат. Ова не е само медиумски скандал – ова е напаѓање на демократијата, посочуваат од движењето и итно бараат:
– Независна истрага за вчерашните пропусти од страна на Програмскиот совет на МРТ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
– Обврска за организирање на отворена дебата меѓу сите кандидати за градоначалници на Скопје, без одлагања и саботажи.
– Оставка на директорот Марјан Цветковски, кој под раководство на ВМРО-ДПМНЕ го уништи кредибилитетот на Јавниот сервис.
-Граѓаните на Скопје заслужуваат медиуми кои служат на вистината, а не на партиски интереси. Работничката партија ќе продолжи да се бори за слободни медиуми и фер избори. Доста со тајните игри – време е за отворена битка на идеи, стои во партиското соопштение.