Вчера од реката Лепенец беше извлечено возилото со косовските регистарски таблички, при што беа пронајдени три мртви лица, соопшти Министерството за внатрешни работи. По автомобилот и тројцата членови на едно семејство од Косово се трагаше од вчера, откако „бмвто“ со косовски таблици удри во „фолксваген туран“ со скопски таблички по што возилото паднало во реката.
-Од страна на полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица Тигар, денеска во реката Лепенец се пронајдени починати трите лица по кои се трагаше по вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје –ГП Блаце, информираа од МВР.
Oд Јавното обвинителство соопштија дека ќе биде издадена наредба за обдукција, а јавниот обвинител ги координира сите дејствија со цел обезбедување докази за расчистување на настанот.
Додека во целост не бидат испитани сите околности и не биде утврдена причината за сообраќајната несреќа, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје вечерва достави предлог за определување краткотраен притвор во траење од 48 часа за лицето кое беше задржано по синоќешната несреќа.
-Станува збор за 64-годишен жител на Скопје кој управувал со автомобил „Фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки и кој во критичниот момент ја престигнувал колоната возила во која бил и косовскиот автомобил. Предлогот за определување краткотраен притвор е поднесен бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, порачаа од ОЈО.
Едниот член на семејството, вториот син, е извлечен од реката и пренесен во градската болница „8. септември“ во Скопје, каде што е надвор од животна опасност, без посериозни повреди.