Сомневањата за инволвираност на актуелни членови на ДИК во изборни нерегуларности мора брзо да се расчистат за да може Комисијата да работи со полн морален и професионален капацитет, велат сегашни и бивши членови на ДИК, анализира Дојче Веле

дикк

Магла и сомнеж надвиснаа над Државната изборна комисија, откако Специјалното обвинителство минатата недела соопшти дека е „отворена истрага и против четири членови на ДИК од 2013 година, за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 од Кривичниот законик. СЈО не соопшти други податоци, но неофицијално се дознава дека некој/и од нив се и во сегашниот состав на Комисијата.

Со оглед дека Македонија е пред избори, без разлика дали тие ќе се одржат во договорениот датум или ќе се одложат, останува отворено прашањето: како ДИК ќе ги спроведе изборите доколку е нарушен кредибилитет на еден член или на дел од нејзиниот персонален состав со сомнение за изборен криминал?

Овие сомневања мора брзо да се расчистат, вели адвокатот и поранешен претседател на ДИК, Александар Новаковски. Тој потсетува дека пред овој состав на ДИК претстои сериозна работа, не само околу техничко организирање на изборите, туку тој треба да даде и релевантна и издржана оценка за подготвеноста да се одржат избори на датумот предвиден со пржинскиот договор.

„Со надлежностите кои ДИК ги доби, секоја негова одлука ќе биде суштинска и ќе биде дочекана со недоверба од која било страна, имајќи предвид колку голема недоверба е створена во изборниот процес и, секако, во изборните органи. Доколку постојат сомневања за сторени кривични дела поврзани со изборите од актуелни членови на ДИК, а се однесуваат на претходни избори, тоа уште повеќе може да ја зголеми недовербата во ДИК како орган кој е задолжен да ја штити законитоста на изборниот процес. Од тие причини, во држава во која владее правото, овие сомневања мора брзо да се расчистат, а ако има одредени постапки – тие да имаат приоритет. За тие лица важи принципот на пресумпција на невиност, но имајќи ги предвид кратките рокови до изборите, одговорност мора да покажат сите, за да се разрешат овие дилеми во јавноста и за да може Комисијата да делува со полн морален и професионален капацитет“, укажува Новаковски.

sjo
СЈО соопшти дека е отворена истрага о против членови на ДИК од 2013 година

 

(..)

Во недостиг на информации, во ДИК не се зборува за наводите од Специјалното обвинителство.

„Немаме никаква информација за тоа. Во Комисијата не сме разговарале, бидејќи ништо не знаеме и тоа не е тема што може да се стави на дневен ред“ вели Субхи Јакупи, член на ДИК на предлог на ДУИ. Четири членови од претходниот состав на ДИК се и во новиот состав на Комисијата, што ги разгоре шпекулациите за лице или лица опфатени со истрага. Според законската регулатива, на член на ДИК му престанува мандатот во Комисијата ако е правосилно осуден со казна затвор над шест месеци. Членови на ДИК велат оти немаат информација дека некој од сегашниот состав бил повикан на разговор во врска со кривични дела поврзани со претходни избори и затоа нема што да коментираат или прогнозираат.

„Во овој момент не останува ништо друго освен да се почитува принципот на пресумпција на невиност“, вели Јакупи, кој пред две години се стекна со научен степен доктор на правни науки на УКИМ, токму со дисертација на тема „Изборните нерегуларности на парламентарните избори во 2006, 2008 и 2011 година во Република Македонија“.

(..)

(Не)извесна оценка

Исполнувањето на изборните стандарди ќе биде посебен тематски дел од комплексната евалуација што ќе ја спроведат домашни и странски експерти, за да се изгради оценка дали се исполнети условите за одржување фер избори на 24-ти април. Еврокомесарот Јоханес Хан објасни од што ќе зависи севкупната оценка.

„Тоа зависи од оценката на меѓународните институции и на Државната изборна комисија за подготовките, односно од зрелоста на подготовките за изборите. А потоа тие ќе треба самите да одлучат“, изјави Хан.

На крајот, одговорноста за одлуката кога ќе има избори, им останува на лидерите рече шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс.

„В петок ќе излезе извештај на ЕУ и на САД. Мислам дека е апсолутно витално да има напредок во деловите како прочистување на избирачкиот список и медиумите и крај на заробеништвото на државата со раздвојување на политичките партии и државата. Јасно е дека е одговорност на политичките партии да го одлучат денот на изборите“, рече Кундерс.

Досега ниту еден од споменатите услови не се исполнети.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека датумот за избори е заеднички договорен и треба да се почитува. Од СДСМ одговараат дека за датумот на избори не решаваат партиите, туку времето што останува за прочистување на избирачкиот список, односно дали ДИК ќе стигне да ги заврши тие обврски до законските рокови. Од ДИК најавија дека процесот на вкрстување на податоци ќе почне денеска. Засега никој не може да предвиди колку спорни записи ќе се утврдат во тој процес, по што ќе биде потребна и теренска проверка, ниту пак колку време таа би траела

Целиот текст тука

Слични содржини