(DW) Рот за македонската криза: Цинично е да се играат игри на моќ врз грбот на граѓаните

од desk3
102 прегледи

Државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот, во интервју за ДВ со јасна порака за македонските политичари: Оправдајте ја својата одговорност за земјата!

0,,17915809_303,00

ДВ: Медиуми, слобода, вредности – е темата на годинешниот Глобал медиа форум на Дојче веле. Тоа се работи кои во Југоисточна Европа во последните години се во сенка на бегалската криза, или проблемите со Грција. Притоа, не секаде во земјите од регионот развојот е позитивен. Каква е Вашата проценка на состојбата?

Михаел Рот: Темите слобода на медиумите, правна држава и демократија за нас, во цела Европа, и особено во ЈИЕ, играат централна улога. Преговорите за приклучување и целиот процес на проширување се многу силно насочени кон прашањата на демократија, правна држава, зајакнување на цивилното општество и борба против корупцијата. Но, сосема сте во право кога велите дека во изминатите години немавме работа само со напредок, туку делумно и со значително уназадување во оваа сфера. Дотолку е поважно постојано да испраќаме сигнали до населението во државите од Западен Балкан: се држиме до нашите ветувања и сакаме да ви дадеме силна поддршка на патот кон Европа, кој е тежок и од луѓето бара и жртви.

Оваа стратегија на „морков и стап“ меѓутоа се чини дека не е многу делотворна. Од една страна, има зајакнување на национализмот во државите на Западниот Балкан, во многу земји со директиви се контролира работењето на медиумите. Истовремено, европската перспектива, според мислењето на луѓето во регионот, малку „виси во воздух“. Потребен ли е во тој дел дополнителен напор?

Од една страна, има стимуланси кои се многу важни за владите да се придвижат кон неопходните реформи. Тука мислам, на пример, на Договорот со Косово за стабилизација и асоцијација од пред неколку недели. Тоа е јасен сигнал. Сакам да потсетам и на Берлинската конференција (за Западен Балкан) и конференциите кои следуваат потоа. И годинава во Париз ќе биде потврдена европската перспектива на Западен Балкан. Притоа, не се работи за апстрактни говори, туку за многу конкретни инфраструктурни проекти за подобро поврзување, за засилена размена на млади во регионот. Зашто, граѓаните на Западен Балкан мора да почувствуваат дека Европа е нешто повеќе од само технократија во далечниот Брисел. Тоа е придонес за конкретно подобрување на секојдневниот живот.

Во Македонија луѓето со недели на улица протестираат против владата. Во текот на викендот во Белград имаше големи демонстрации, пред две недели се протестираше во Хрватска. Насекаде граѓански протести во пораст и умор, не само од владите, туку делумно и од ЕУ. Дали е тоа ризик или шанса?

Критичко цивилно општество е неодвоив дел од една витална демократија. Мислам дека е добро што граѓаните го изразуваат својот протест. Со тоа мора да се соочат сите политичари во сите демократски држави. За неколку недели, на наредната конференција во Париз, ќе бидат испратени сигнали за изградба на инфраструктурата, за размена на млади. Германија е силно ангажирана. Сепак, сакаме пред сѐ да се зголеми видливоста на ЕУ, особено во делот на преговорите за повеќе демократија и правна држава.

Како може и треба да изгледа таа видливост?

Ако може да потсетам на дијалогот меѓу Србија и Косово, или на актуелните тешки разговори со политички одговорните во ПЈР Македонија: во случајот на Србија-Косово разговорите ги води Високата претставничка на ЕУ, во ПЈР Македонија еврокомесарот надлежен за проширување. Ние тука сме вклучени странично, секогаш во договор, со специјалниот пратеник, амбасадорот Хајндл. ЕУ формулира јасно очекување од кое зависи и натамошното приближување кон ЕУ.

Но, што може да ѝ се понуди на пример на една земја како Македонија? Луѓето полека губат трпение. Како да се забрза процесот?

Можам многу добро да го разберам нетрпението на луѓето. Цинично е да се играат игри на моќ врз грбот на населението. Со тоа се одолговлекува развојот на земјата и се прокоцкуваат шансите. На луѓето им е конечно неопходна перспектива, да се тргне напред, тие се надеваат на европска иднина на својата земја. Затоа, на владејачките партии, но и на опозицијата, им се обраќаме јасно – конечно да ја оправдаат својата одговорност за земјата. Реформи може да се донесат само од страна на парламентот и да се спроведат од страна на владата. Во тој дел во текот на изминатите месеци се случуваше премалку. Сега имам впечаток дека благодарение на упорната работа на ЕУ и на меѓународната заедница, меѓу другите и Германија, конечно се прават првите чекори во вистинска насока. Но, имате право – темпото на полжав воопшто не ми се допаѓа.

 

Повеќе ТУКА

Слични содржини