Граѓанската петиција за прогласување на Заев за велепредавник води кон улично делење правда и немири, а нејзин предводник е Груевски, уверени се опонентите на владините политики.Национален предавник, издавач на државна тајна, велепредавник кој мора да биде уапсен… Ова се само дел од епитетите за лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кои кулминираа деновиве, откако Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) своите трибини по општините низ Македонија ги надгради и со петиција за прогласување на Заев за велепредавник, кој треба да биде уапсен, aналзира DW
Комуниколози забележуваат дека во јавниот говор се повеќе доминира атмосфера на линч, a политиколози се уверени дека нема да се случи апсење на лидерот на опозицијата, бидејќи тоа би бил најризичен чекор за власта во сегашната длабока политичка криза. Провладините медиуми, пак, во континуитет им даваат огромен простор на ставовите на ГДОМ, кое е еден од главните „носачи на звук“ за прогласувањето на Заев за велепредавник.
Медиумите во регионот кои известуваат за опозициските „бомби“, мотивите за ваквите петиции ги ставаат токму во корелација со говорите и обвинувањата од Груевски. Под наслов „Провладини структури во Скопје бараат апсење на Заев“, бугарската новинска агенција БГНЕС објави дека провладини медиуми почнале атак против Заев, објавувајќи дека ‘граѓаните масовно се потпишуваат под барањето тој да биде уапсен, бидејќи извршил национално предавство’.
„Петицијата е организирана од ГДОМ, во која членуват најгласните пропагандисти на Груевски. Еден од нив е Миленко Неделковски, кој дури побара институциите да не молчат и веднаш да го уапсат Заев. БГНЕС потсетува, дека во неделата во градот Тетово на митинг организиран од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го обвини Заев за ‘национално предавство’“, се вели во информацијата на бугарската новинска агенција.
Владимир Лазаревиќ од т.н. „амстердамската тројка“, кој заедно со уште двајца поранешни владини функционери Никола Димитров и Перо Димшоски се залага за „револуција на совеста“, за промени и за враќање на ВМРО-ДПМНЕ на изворната програма и моралните вредности, нема никаква дилема дека зад ваквите „естрадни активности“ со петицијата стои лично Груевски.
„Никој не треба да има дилема дека предводникот на овие негативни процеси е лично Никола Груевски. Тоа за мене и за многумина како мене е веќе целосно јасно. Се разбира, секогаш постојат полтрони кои сакаат да се докажат и без да бара Груевски. Точно се знае кон што води ова улично делење на правда: кон немири, кон продолжување на политиката на страв, на терор која е мејнстрим идеја во изминатите години. Груевски и другарите многу добро разбраа дека кога народот е уплашен, тие може вечно да владеат. Тука многу му помогна и ликот и (не)делото на Сашо Мијалков, чие име до пред два месеци не смееше да се спомне, а денес сите светски медиуми пишуваат дека е вовлечен во невидени криминални шеми, додека луѓето се згрозуваат од начинот на кој тој се изживува со човечките судбини“.
Според Лазаревиќ, петицијата против Заев целосно го покажува диктаторското лице на власта кое не бира средства со цел да го оцрни политичкиот противник.
„Од кога тоа со потписи се покренува обвинение против некого? Ова само ја потврдува тезата дека Груевски и другарите во изминатите девет години континуирано настојуваат ненормалното да го прикажат како нормално. Тие целосно ја искривоколчуваат вистината и макотрпно работат да го заведат македонскиот народ во погрешна насока. Работат на тоа да прикажат дека опозицијата е непријател на народот, играат на картата на националнизам, на квазипатриотизам, на поделба по сите основи. Тоа е погубно за Македонија и нема да го дозволиме тоа да продолжи. Нашиот ангажман ќе биде насочен целосно кон ресетирање на политичкиот процес, прочистување на политичката мисла и искоренување на криминалот. Основа не сите демократски процеси е разговор со опозицијата. Тоа е нормално, а ненормално е бркање на опозицијата од парламентот, нејзино сатанизирање, отсуство на политичка дебата, како и серија други процеси кои ги воведе Груевски и се пораз на демократијата“, дециден е Лазаревиќ.
целиот текст тука
