DW:Иванов пред избор – оставка или повлекување на аболицијата?

од Vladimir Zorba
90 прегледи

Две шпекулации се вртат во јавноста: една – дека претседателот Иванов сепак ќе ја повлече одлуката за аболиција, и втора – дека тој ќе поднесе оставка за да ја бетонира и аболицијата и изборите на 5-ти јуни, пишува Дојче веле. 0,,19110069_303,00 (2)

Според една шпекулација, можно е претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција поради проценката дека таа не го постигнала очекуваниот ефект – окончување на кризата и меѓусебно помирување. Но пред се, нејзиното повлекување би имало за цел да ги спречи најавените меѓународни санкции кои, ако бидат персонализирани, односно насочени кон конкретни политичари од власта, тогаш тие целосно би ги поништиле нивните изборни, односно политички предности што помилувањето требаше да им го обезбеди на аболираните – да влезат во изборен натпревар, „чисти“ и релаксирани од опасноста за кривичен прогон.

Според второто сценарио, можно е Иванов да приреди големо изненадување: да поднесе оставка на претседателската функција! Таа оставка би била темпирана да се случи 40 дена пред изборите закажани за 5-ти јуни, бидејќи тоа е законскиот рок во кој мора да се спроведат предвремени претседателски избори. Според календарот, во таков случај, Иванов би требало оставката да ја поднесе најдоцна утре, на 26-ти април, бидејќи од тој датум до 5-ти јуни остануваат точно 40 дена за да се организираат избори за претседател. Со тоа, наводно се очекувало изборите на 5-ти јуни да бидат „двојно бетонирани“, односно да ги мобилизираат сите партии за учество во избори, со аргументација дека земјата не може да остане без претседател во време на политичка криза.

Во ВМРО-ДПМНЕ се воздржани и не сакаат да ги коментираат овие шпекулации. Од останатите три партии потписнички на пржинскиот договор некои велат дека не слушнале за ова сценарио, но и дека „веќе ништо не може да ги изненади“. Други слушнале за ваквите размислувања, но не го гледаат ефектот за власта од таква „целосно нерационална одлука“.

Во трите партии има речиси идентични размислувања во однос на оваа шпекулација. Според нив, би имало само една придобивка за ВМРО-ДПМНЕ ако Иванов поднесе оставка. Тоа би значело дека одлуката за аболиција останува и ќе нема кој да ја поништи до изборите. Но, од друга страна, тврдат дека тоа воопшто нема ги мобилизира другите партии да учествуваат на избори. Напротив, и оние ќе можеби планирале да учествуваат или се двоумеле, сигурно ќе се откажат од изборна трка. Причините се јасни: прво, тоа би бил едностран потег кој сите ќе ги стави сите пред свршен чин. Второ, партиите кои нема да учествуваат на парламентарни избори, меѓудругото и поради сомневање во веродостојноста на Избирачкиот список, зошто би биле мотивирани да учествуваат во претседателски избори на кои ќе се гласа според истиот тој непрочистен список? Трето, поради познатите предлози од албанскиот блок претседателскиот кандидат да биде договаран со консензус, а по изненадувањето со одлуката за аболиција кај албанските партии, какво било договарање со ВМРО-ДПМНЕ на таа тема би се сметало за беспредметно и без неопходна доза на доверба.

Поради сето тоа, повеќето партии сметаат дека ова сценарио нема да се реализира, бидејќи дополнително ќе ги искомпликува состојбите, а ако не биде избран претседател, бидејќи тешко ќе се оствари неопходниот цензус, ќе има и проблем плус.