ДЗР: Граѓаните на приватните клиники им платиле најмалку 18,6 милиони евра за ковид-тестирање

од Nikola Popovski
145 прегледи

Македонските граѓани платиле најмалку 18,6 милиони евра на приватното здравство за ковид-тестови во првите две години од пандемијата, покажуваат пресметките на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

-Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 819.240 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помал од 18,6 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест, велат од ДЗР.

Извештајот на ДЗР се однесува на периодот од март 2020 година до март 2022 година, односно првите две години од појавата на Ковид-19 во Македонија.

Ревизорите, според податоците објавени од Институтот за јавно здравје, пресметале дека од март 2020 година до март 2022 година се направени 1.962.489 ковид-тестови на национално ниво во вкупно 33 лаборатории, државни и приватни.

-Од вкупниот број на тестови за корона вирусот со методот PCR, направени се 1.337.238, од кои дури 819.240 се направени во приватни лаборатории, покажува ревизијата на ДЗР.

Ревизорите заклучуваат дека поради необезбедување поголем број термини во јавното здравство и отсуство на договори со приватни институции за дијагностика на Ковид-19, „не се обезбедувале доволно здравствени услуги на сметка на ФЗОМ при С. Македонија“, се додава во ревизијата на финансиските извештаи.

Во извештајот за работата на тој фонд, ревизорите направиле и временски преглед за половина година, што покажува дека на почетокот на пандемијата биле пријавени речиси еднаков број тестови во јавни и приватни лаборатории, но како пандемијата напредувала, приватните лаборатории го презеле приматот.

Слични содржини