ДЗР: ЈП Национални шуми со ниска реализација на планот за производство, зголемени долгови и намалена ликвидност

Биолошките средства не се вреднувани по нивната објективна вредност, односно не се намалени или обезвреднети за површините кои се наоѓаат во границите на Националниот парк Шар Планина и се уредени со посебни шумско стопански планови, како и површините кои биле зафатени од шумски пожари во кои целосно е уништен шумскиот фонд.

од Vladimir Zorba
41 прегледи

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ п.о. – Скопје, за 2023 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Биолошките средства не се вреднувани по нивната објективна вредност, односно не се намалени или обезвреднети за површините кои се наоѓаат во границите на Националниот парк Шар Планина и се уредени со посебни шумско стопански планови, како и површините кои биле зафатени од шумски пожари во кои целосно е уништен шумскиот фонд.

На крајот на 2023 година, јавното претпријатие има искажано обврски спрема Буџетот на државата за проширена репродукција во износ од 450.844 илјади денари, односно 7.307.000 евра, додека за проста репродукција не е отворена посебна сметка и не се уплатени средствата во износ од 250.186 илјади денари, односно 4.055.000 евра. Истовремено, претпријатието побарува 164.275 илјади денари од државата односно 2.662.000 евра по основ по основ на учество во акцијата „Ден на дрвото“.

Со извршената ревизија утврдивме дека 95% или 37.672 илјади денари од Побарувањата од вработени, потекнуваат од период пред 2018 година и се однесуваат по основ на: кусоци на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење на угостителски услуги и друго. Поради не преземени мерки за нивна наплата и општиот рок на застареност, постои голема неизвесност, износот од 36.460 илјади денари, односно 590.920 евра (до 5 и над 5 години) да не се наплати.

Во финансиските извештаи на ЈП „Национални шуми“, со состојба 31.12.2023 година, кај материјални средства во подготовка констатирано е дека не е утврдена фактичката состојба и неправилно се евидентирани инвестиции за износ од 16.463 илјади денари. Инвестиционите вложувања во износ од 2.226 илјади денари, потекнуваат од минати години, започнати пред формирање на претпријатието и се однесуваат на инвестициони објекти во подружниците „Бигла“ Демир Хисар (подземен резервоар за гориво) и „Равна река“ Пехчево ( бесправна градба на шумска куќа), кои се без обезбедена веродостојна документација за кои не е утврдена фактичката состојба, односно не е направена проценка за оправданост за продолжување на инвестициите.

Слични содржини