ДЗР констатира дека неефикасно се управува и стопанисува со државниот недвижен имот

од Nikola Popovski
414 прегледи

Законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот, се вели во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. 

ДЗР изврши ревизија на успешност на тема „Управување со државниот имот“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?“

Со ревизијата е оценето дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата.

Постоечката законска регулатива има воспоставено систем со разграничени надлежности меѓу институциите во однос на одлучување, управување, располагање и евидентирање со државниот недвижен имот.

-Утврдено е дека законската регулатива не предвидува обврска за изработка и донесување на стратешки документи за управување со државниот имот, поради што Владата на РСМ нема донесено национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска за истото.

АДИССПДП и АДСДП немаат изготвено стратешки документи со долгорочни приоритети и цели, активности и расположливи ресурси; немаат изготвено програми за инвестиционо вложување.

Не воспоставува воедначен начин на постапување на надлежните институции, а во отсуство на стратешко планирање, не се донесени ниту акти, процедури/упатства/прирачници за работните процеси поврзани со управување со недвижниот имот на ниво на држава.

Не предвидува централизирана евиденција односно сеопфатен регистар на државен недвижен имот со финансиски и нефинансиски податоци, ниту е определен орган или тело надлежно за воспоставување на истиот, стои меѓу другото во извештајот на ДЗР.

Слични содржини