ДЗР: Не е точно дека 13 години немаме извршенo ревизија на работата на Владата

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Не е точно дека 13 години немаме извршенo ревизија на работата на Владата на РСМ, реагираат од Државниот завод за ревизија (ДЗР) по повод дадената изјава од претставник на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за дневникот на МРТ 1.

„Изнесениот податок, дека цели 13 години Државниот завод за ревизија нема извршенo ревизија на Владата на РСМ е податок кој е неточен и тенденциозен. Државниот завод за ревизија согласно законските надлежности, човечките и материјалните ресурси со кои располага за вршење на ревизија, секоја година на транспарентен начин ја носи Годишната програма за работа на ДЗР, без пристрасност и ослободена од влијание од законодавната и извршната власти и истата јавно ја објавува на својата веб страница“, истакнуваат од ДЗР.

Во зависност од видот на ревизијата, на објективен и вистинит начин, Државниот завод за ревизија дава мислење за различни сегменти и области од работата на Владата на РСМ, продолжуваат оттаму.

Информираа и дека, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година, Владата на РСМ е планирана и ќе биде предмет на ревизија на регуларност за финансиските извештаи за 2021 година.

На крајот потенцираа дека, Државниот завод за ревизија, применувајќи ги меѓународните ревизорски стандарди во своето работење, „континуирано обезбедува квалитетно работење со што го задржува епитетот на независен и професионален партнер со висок интегритет кој истовремено е носител на напредокот во управувањето со јавните средства, отчетноста и транспарентноста во истите“.

Слични содржини