Ревизорите утврдиле дека институциите во РСМ не располагаат со целосни податоци по основ на вратена финансиска поддршка по корисници во утврдените рокови и износ во Буџетот на РСМ. Според анализата на ревизијата работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање, што има за ефект помалку вратени средства во Буџетот на РСМ во износ од 988.307 илјади денари.
Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во Буџетот на РСМ во износ од 448.698 илјади денари. Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра.
Државниот завод за ревизија изврши ревизијата на успешност на тема “Преземени мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19 “ согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година.
Целта на извршената ревизијата е да даде одговор на прашањето: „Дали мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза од Ковид-19 се ефикасно креирани, реализирани, контролирани, мониторирани и дали е обезбедено соодветно известување за ефектите од преземените мерки?“ во насока на зголемување на ефективноста на мерките и политиките за успешно справување со пандемијата од Ковид-19 и поддршка на работните места.
Со оваа ревизија на успешност опфатени се 36% од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П – Мерки за справување со Ковид-19 кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои се реализирани 11.512.447 илјади денари.
Кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 предизвика губење на работните места во РСМ и големи загуби на приходите на работниците што има влијание на намалување на потрошувачката на стоки и услуги. Според податоците обезбедени од Агенција за вработување на РСМ од почетокот на пандемијата до 31.12.2020 година своите работни места ги изгубија вкупно 17.022 работници.
Истакнувајќи ја значајноста на донесените економски мерки за поддршка на работодавачите, физичките лица самостојни вршители на дејност и професиите, како и нивното влијание врз ублажување на ефектите од пандемијата, со ревизијата е добиено разумно уверување дека креирањето на мерките е спроведено во отсуство на стратешко планирање со јасно дефинирани цели и индикатори за успешност.
Отсуството на пишани анализи и проценки при креирање на мерките за поддршка на вработувањето во процесот на одлучување, утврдените слабости и недоречености во уредбите со законска сила и донесените закони во кои се уредени условите, начинот и постапката за доделување влијаат врз ефикасноста на спроведувањето, следењето на реализацијата на мерките и зачувувањето на работните места. Нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле/не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и износ во Буџетот на РСМ има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во Буџетот на РСМ.
Линк до целосниот извештај тука!