ДЗР: Општина Кисела Вода ангажирала хонорарци кои земале до 89.000 денари за авторски трудови кои воопшто ги нема

од Nikola Popovski
194 прегледи

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатира дека општина Кисела Вода во 2021 година, преку приватни агенции за вработување ангажирале лица со авторски договори, а ревизорите не можеле да најдат што тие правеле. Во извештајот се надведува дека општината исплатила 44.000 евра по основ на авторски договори со 23 лица за кои не биле пропишани критериуми, а кои месечно заработувале надоместоци од 12.000 до 89.000 денари.

Ова се однесува додека на чело на општината се поранешниот градоначалник, Филип Темелковски, а по него и актуелниот Орце Ѓорѓиевски.

-Дел од склучените авторски договори имаат за предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување на систематизација, план за организирање на културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање на активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго), велат од ДЗР.

Од таму посочуваат дека вкупниот број на привремени вработени лица во 2021 година изнесувал 82, кои по месеци се движеле од 45 до 64.

-Отстапените лица од приватната агенција се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места, а 30 од нив, биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквиот начин на работење, не е во согласност со член 24 од Законот за приватните агенции за вработување, кој предвидува во кои случаи, агенцијата може да отстапи работник за вршење на привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без прекин. 29 од вкупно ангажираните лица не ги исполнуваат потребните услови за образование утврдени во Правилникот за систематизација на работните места, што не е во согласност со одредбите на член 19 од Законот за приватните агенции за вработување каде е наведено дека основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници кои треба да бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавачот корисник, се истите оние услови кои би се обезбедувале доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач, за извршување на истата работа, се додава во ревизорскиот извештај.

Слични содржини