ДЗР: Снемало 30 лаптопи од Министерството за односи меѓу заедниците, исплаќани плати на вработени без да се обезбедат податоци за нивното присуство

Извршена ревизија - исплата на 61% на име плата на вработените без да се знае дали одат на работа и точење на нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерство за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637) заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година. Изразено е неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија утврдивме состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.

Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28% од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на не воспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот.

За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, додека пак за побарувањата од вработените во износ од 2.102 илјади денари односно 34.000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ.

За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 -Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи, или за 61% од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените.

Во однос на реализација на договорите за јавни набавки ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка.

При спроведување на две постапки ревизорите утврдиле дека за понудената цена, за сервисирање на возила од 0,01 денар за 1 работен час и за провизија од 0,01% од износот на угостителската услуга, комисите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена. Притоа, во дел од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за дел од ставките фактурирани се цени кои се неколку пати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите.