За Државниот завод за ревизија (ДЗР), проблемот со загадувањето на воздухот во РСМ бара системски интегриран пристап од сите засегнати страни (институциите на централно/локално ниво, приватниот сектор и граѓаните) на подолг рок.
„Со преземените активности во последните три години иако претставуваат позитивен чекор, не се постигнати посакуваните ефекти во намалување на загадувањето на воздухот. Надзорот и контролата се на ниско ниво, а сè уште многу мал дел од буџетските средства на централно и локално ниво се издвојуваат за реализирање на мерките содржани во планските документи, поради што истите во најголем дел остануваат не спроведени“, велат од таму.
ДЗР изврши ревизија на спроведувањето на дадените препораки содржани во Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на успешност од 2017 година, на тема „Квалитетот на воздухот“, со цел да се оцени степенот на имплементација на препораките и соодветноста на преземените мерки.
„Со ревизијата утврдивме дека од десет препораки дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор, една препорака е спроведена, три препораки се во тек на спроведување, четири препораки се делумно спроведени и две препораки не се спроведени.
Со новата поставеност на Интерсекторската група за квалитет на воздух е подобрена институционалната соработка, управувањето и координирањето на централно и локално ниво, а со укинување на Комитетот за јавно здравје е избегнато преклопувањето на надлежностите на двете тела кои во претходниот период на ревизија имаа слични надлежности.
Институциите кои се главни носители за креирање и спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот на централно и локално ниво и понатаму се соочуваат со недостиг на соодветен, постојан и стручен кадар.
Во Министерството за животна средина просторно планирање во тек се проектни активности за воспоставување на Национален информативен систем за животна средина, кои треба да се реализираат до март 2021 година, што ќе обезбеди интегриран систем и пристап до податоците од повеќе медиуми (воздух, вода, почва и др).
Предложени се измени и дополнувања на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, кои треба да овозможат преземање брзи и ефикасни мерки, лоцирање на одговорноста и соодветни казни за неспроведување на мерките предвидени во планските документи за подобрување на квалитетот на воздухот.
Од вкупниот број надзори во 2017, 2018 и 2019 година, и понатаму незначителни 1% извршени се по Законот за квалитетот на амбиентниот воздух. Со методологијата за проценка на ризик при вршење на инспекција во животната средина, која е во тест фаза на имплементација, како и со Предлог Законот за инспекција во животната средина кој е во процедура на донесување се нудат соодветни законски решенија во однос на функционирање единствен систем на инспекција во животната средина на целата територија на РСМ.
Средствата кои се издвојуваат за финансирање на мерките во планските документи на централно и локално ниво не се доволни за намалување на загадувачките супстанци. Според податоците од ДЗС, учеството на инвестициите и трошоците за заштита на воздухот во БДП во извештајниот период 2017 – 2019 година е намалено во однос на претходните години и изнесува 0,03%, а во вкупните инвестиции и трошоци за животната средина учествуваат со 2% за 2017 и 2018 година, односно 2,6% за 2019 година. Ова е причина, што и понатаму просечните годишни концентрации на PM10, во голема мера ги надминуваат утврдените гранични вредности во сите мерни станици, освен станицата во Лазарополе.
Иако е констатиран одреден напредок во однос на изработката на планските документи на локално ниво (покрај плановите за агломерација Скопски регион и општините Битола и Тетово, донесени се планови и за општините Струмица, Велес и Кичево), и понатаму најголем број на општини каде нивоата на загадувачки супстанции ги надминуваат граничните вредности немаат изготвено планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух.
Поради недоволниот административен капацитет на надлежните институции, мониторингот над имплементацијата на мерките во планските документи се врши нередовно и нецелосно, односно ад хок и по барања од засегнатите страни (ЕУ, медиуми и граѓанскиот сектор).
И понатаму, не е обезбедена целосност на податоците за Катастарот на загадувачи од причина што повеќе од 50 % од операторите кои поседуваат А и Б интегрирани еколошки дозволи немаат доставено податоци.
За надминување на утврдените состојби, од страна на ревизијата дадени се насоки за понатамошно постапување на Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и ЕЛС за: зајакнување на административниот капацитет, донесување на предложените законски решенија за квалитетот на амбиентниот воздух и инспекцискиот надзор во животната средина, воспоставување на сеопфатен Национален информативен систем за животна средина и целосна база на податоци за Катастарот за животна средина, систем за подготовка и следење на планските документи и обезбедување на потребните финансиски средства за нивна реализација“, велат од ДЗР преку соопштение.