Досегашниот директор на Центарот за упрaвување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов се огласи преку соопштение откако вчера беше објавено дека е поставен за нов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Ангелов укажа дека одлуката за разрешување од ЦУК и назначување во ДЗС е во договор со премиерот Христијан Мицкоски. Тој воедно упати и благодарност до претседателот на Владата за укажаната доверба.
Според него, Дирекцијата подолго време се наоѓа во агонија и покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Ангелов посочи и дека Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, а недостасуваат и сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори.
-Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин, истакна меѓу другото Ангелов.
Новиот прв човек на ДЗС најави дека заедно со вработените ќе се обидат да ги надминат детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на институцијата во полна функција.
Оваа директорска позиција во ДЗС остана празна откако полицијата во рамки на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, го уапси Џеват Селами од коалицијата ВЛЕН. Селами во моментов е во домашен притвор.