Ѕвезда на Реал Мадрид обвинета за споделување експлицитно видео со малолетно лице, еве што вели за обвинувањата

од Љубиша Владимиров
124 прегледи

Младиот фудбалер на Реал Мадрид, 22-годишниот Раул Асенсио, се најде во центарот на скандал, откако против него беше покрената кривична постапка поради сомнение дека споделил експлицитно видео во кое, наводно, е вклучено малолетно лице. Првично беше осомничен и за учество во снимањето на видеото, но судот во Гран Канарија подоцна го ослободи од овие обвинувања.

Судските власти утврдија дека Асенсио не бил присутен на местото каде што било снимано видеото, ниту имал директна врска со неговото создавање. Во својата изјава на социјалната мрежа X, фудбалерот остро ги демантираше обвинувањата и истакна дека не сторил ништо незаконско:

„Судијата јасно посочи дека не сум учествувал ниту во снимањето, ниту во самиот чин. Никогаш не сум сторил нешто што би ја загрозило сексуалната слобода на која било жена, особено на малолетно лице,“ порача Асенсио.

Тој призна дека единственото можно прекршување од негова страна би можело да биде тоа што, во една прилика, покажал содржина на трето лице, но нагласи дека нема никаква врска со понатамошна дистрибуција или поседување на видео материјал со малолетници.

„Не сум испратил ниту едно видео, ниту пак сум бил присутен на местото каде што е снимено. Сè што ми се става на товар засега е прикажување на одредена содржина на едно лице. Сепак, тоа не ме прави дел од ова кривично дело,“ додаде тој.

Обвиненијата против него се, засега, привремени, а Асенсио инсистира дека ќе соработува со правосудните органи и ќе ја докаже својата невиност:

„Доколку дојде до судски процес, ќе се бранам со сите правни средства. Верувам во својата целосна невиност и имам целосна доверба во правниот систем,“ изјави фудбалерот.

За разлика од Асенсио, тројца негови поранешни соиграчи од младинската школа – Феран Руиз, Андрес Гарсија и Хуан Родригез – се соочуваат со многу посериозни обвиненија: нарушување на приватноста, незаконска дистрибуција на видеа, сексуална експлоатација на малолетници и поседување детска порнографија.

Според шпанскиот Кривичен законик, казните за вакви дела се строги. За создавање и дистрибуција на експлицитен материјал со малолетници, казната се движи од три и пол до пет години затвор. Самото споделување може да донесе од две и пол до четири години затвор. Асенсио, пак, ако биде прогласен за виновен само за прикажување или споделување, ќе се соочи со значително поблага казна. Сепак, тој останува цврст во ставот дека е невин и дека ќе го докаже тоа пред судот.

 

 

 

Слични содржини