Одлуката на Герет Саутгејт да се откаже од услугите на Џек Грилиш за завршницата на Европското првенство во Германија шокираше многу од клучните играчи на трите лава. Според „Дејли Телеграф“, барем еден од искусните играчи на Англија веднаш отишол да разговара со тренерот за причините за неговата одлука, откако станало јасно дека Грилиш е надвор од составот. Останатите се собраа околу ѕвездата на Манчестер Сити за да му помогнат да го проголта разочарувањето.
„Дејли Телеграф“ тврди дека повеќето англиски репрезентативци веруваат дека Грилиш требало да отпатува во Германија, и покрај тоа што очигледно имал тешка сезона со неговиот клуб. Тие веруваат дека не само што секогаш може да има влијание доаѓајќи од клупата, туку има искуство стекнато од освојувањето трофеи со Манчестер Сити. Тој е и еден од оние ликови кои го креваат духот во тимот.
Самиот Саутгејт призна дека одлуката за Грилиш ја донел едвај вчера – неколку часа пред изненадувачки да го објави својот последен состав од 26 играчи за ЕП 2024.