ЕБОР обезбедува 110 милиони евра кредит за изградба на 10 километри автопат за дел од Коридор 8

од Vladimir Zorba
363 прегледи

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ) продолжуваат да ја поддржуваат подобрата поврзаност во Северна Македонија финансирајќи ја изградбата на нов дел од Коридорот 8 во земјата.

Одобрен е кредит во износ од ЕУР 110 милиони за финансирање на изградбата и услугите за супервизија на 10,2 километри автопат од Букојчани до Кичево, заедно со деталниот нацрт на под-секцијата од 4 километри. ЕУ го кофинансира проектот со ЕУР 20 милиони инвестициски грант, преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).

Новиот пат и подобрата поврзаност ќе го поддржат економскиот развој на Северна Македонија, правејќи ја мобилноста и трговијата полесни. Современата инфраструктура ќе помогне и во безбедноста на патот и ќе го направи поотпорен на оштетувања од временски услови.

На церемонијата на потпишување, Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,,Банката игра уникатна улога во поддршката на патниот сектор во Северна Македонија уште од 2001 година. Ја финансираше изградбата и модернизацијата на регионалните, локалните и Пан-Европските патишта, и обезбеди политички дијалог за зајакнување на институциите во земјата. Со оваа нова инвестиција, повторно ја потврдуваме нашата посветеност за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата за добро на сите во граѓани и бизниси.”

Фатмир Бесими, Министер за финансии на Северна Македонија изјави: ,,Коридорот 8 е еден од стратешките проекти за инфраструктурата на земјата, кој ќе ја направи поконкурентна. Со изградба на патната инфрастуктура од Коридор 8, во Северна Македонија ќе се заокружи изградбата на пан-Европски коридор значаен за подобра поврзаност на Северна Македонија, Албанија и Бугарија кон останатите европски земји. Ова ќе отвори нови пазари за македонските компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе овозможи одржлив економски раст.”

Покрај креирањето на нови работни места за време на изградбата, работите на новиот дел од автопатот ќе обезбедат можност за развој на вештини за младите луѓе во градежниот сектор, преку обука на лице место. Оваа програма за вклучување на младите е развиена од ЕБОР, и ги поддржува владините напори во промовирање на вработување на младите. Со проектот ќе се охрабри поголемо учество на приватниот сектор, со тендер за договор за градење и одржување, кој ќе вклучи справување со климатските ризици за време на фазите на изградба, работењето и одржувањето на проектот.

Во Северна Македонија, Коридорот 8 се протега на приближно на 305 километри, каде поврзува 62 отсто од популацијата во земјата. Неговиот развој е идентификуван како стратешки приоритет на земјата, но околу 60 отсто од истиот треба да биде изграден согласно стандардите за автопатишта. Земјата превзема напори за рехабилитација и продолжување на делови на постоечкиот пат, и гради нови секции, со цел целосно да ја модернизира маршутата.

Коридор 8 е патнички и железнички коридор од исток кон запад, кој се протега преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, поврзувајќи го бугарското пристаниште Варна на Црно Море, со албанското пристаниште Дурес на Јадранско Море. Опфаќа морски и езерски пристаништа, аеродроми, патишта и железница, во вкупна должина од 1.270 километри железница и 960 километри патишта.

Владите на Јапонија и Австрија исто така го поддржаа проектот преку финансирање на програмата за вклучување на млади и проценката за влијанието на климата.

ЕБОР ја поддржува Северна Македонија во напорите за подобрување на транспортната инфраструктура, во инвестиции во секторот патишта и железници. До сега, за изградба на патишта во земјата, има обезбедено над ЕУР 400 милиони.

Слични содржини