Европската централна банка (ЕЦБ) денеска предупреди на зголемените ризици за финансиската стабилност на сите, од банките до владите и домаќинствата, бидејќи економските изгледи стануваат се „помрачни“ додека официјалните лица се борат со рекордните стапки на инфлација.
Притисокот врз трошоците за живот ја намалува способноста на луѓето да ги сервисираат долговите, а влошената перспектива за економски раст во Европа ги загрозува корпоративните профити, објави денеска ЕЦБ во својот извештај за финансиската стабилност, цитиран од агенцијата „Блумберг“.
Документот укажува на потенцијалните опасности за јавните финансии бидејќи владите сè повеќе се задолжуваат за да го ублажат влијанието на енергетската криза и предупредува на натамошен надолен притисок врз цените на акциите.
Исто така, се додава дека цените на недвижностите би можеле да достигнат врв по повеќегодишен пораст.
„Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат последиците од порастот на инфлацијата и забавувањето на економската активност. Наша проценка е дека ризиците за финансиската стабилност се зголемени, додека техничката рецесија во еврозоната станува се поверојатна“, изјави потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гиндос.
Комбинацијата од зголемените цени и намаленото производство предизвикано од руската војна во Украина претставува предизвик за креаторите на политиката, како и за инвеститорите. ЕЦБ го започна најагресивниот циклус на зголемувања на каматните стапки во својата историја за да спречи инфлацијата да се вкорени, и покрај претстојниот економски пад во еврозоната.
Централната банка на 19-члениот валутен блок ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки и да го намалува портфолиото на обврзници од 5,0 трилиони евра (5,2 трилиони долари) на нејзиниот биланс.
Ризичните средства остануваат „нестабилни поради неизвесниот пат на инфлација“, монетарната политика и економските случувања, забележа ЕЦБ, додавајќи дека вредноста на некои акции, вклучително и во САД, „сè уште изгледа растегната во однос на основните вредности“ – дури и по големи корекции .
„Многу е тешко да се постигне финансиска стабилност без стабилност на цените“, изјави Де Гиндос за новинарите во Франкфурт, според њујоршката агенција.