Уште тројца од најтешко повредените во пожарот во Кочани се отпуштени од Ургентната болница „Пирогов“ во Софија, соопштија тамошните здравствени власти.
Со нив, бројот на успешно спасени тешко повредени лица транспортирани во „Пирогов“ изнесува седум. Осмото најтешко повредено лице, 21-годишно момче останува во болницата на лекување, соопштија од „Пирогов“.
Тројцата млади луѓе кои ќе се вратат во Македонија се на возраст меѓу 16 и 19 години. Како и со другите четворица нивни сонародници, отпуштени на 7 април, тимовите се бореа деноноќно за нивните животи, потенцираат од „Пирогов“, пренесуваат бугарските медицински власти.
„Сите жртви биле подложени на речиси 30 големи сложени операции и над 240 помали операции“, објаснува проф. Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична и реконструктивна хирургија во „Пирогов“.
На 16 март, осум лица од тешката несреќа во градот Кочани беа пренесени во „Пирогов“. На 11 април, уште тројца хоспитализирани во Бугарија, беа отпуштени од болниците во Пловдив и Варна.