Еден од највлијателните Руси: „Непријателот е посилен од нас, ни треба општа мобилизација“

од Stefanija Kuzmanovska
498 прегледи

Поранешниот шеф на руската вселенска агенција Роскосмос, Димитриј Рогозин, го повика претседателот на Русија, Владимир Путин, да прогласи општа мобилизација во Русија.

„Мора да имаме на ум дека непријателот е посилен од нас. Затоа ни е потребна мобилизација“, изјави Рогозин за радио станицата „Москва зборува“, пишува Newsweek.

Рогозин беше сменет од чело на Роскосмос од Путин во јули минатата година, без да ги наведе причините за неговото разрешување. Станува збор за позиција што Рогозин ја извршуваше четири години, а се зборуваше дека за време на неговото „шефување“ на руската вселенска агенција, корупцијата владеела на сите нивоа.

По губењето на функцијата, Рогозин рече дека сега води група воени советници со помпезно име „Цареви волци“, кои обезбедуваат „воено-техничка поддршка“ на борбените единици на руските сепаратисти од окупираните украински региони Доњецк и Луганск.

„Мобилизацијата која ја имавме минатата есен не е доволна. Ни треба уште една“, рече Рогозин на радио, осврнувајќи се на таканаречената „делумна мобилизација“ која ја нареди Путин во септември 2022 година.

„Имаме проблеми со бројот на луѓе, нашите борци гинат и претрпуваат повреди на бојното поле. Ги губиме борбените момци кои треба да ги замениме“, истакна тој.

Ова не е првпат да се зборува за потенцијална општа мобилизација во Русија, иако почесто се зборуваше за шпекулации од Украина и од Запад за можни потези на Кремљ, отколку за апели од Русија. Меѓутоа, минатиот месец претставникот на Думата, Михаил Шеремет, исто така член на фракцијата на Путин, Единствена Русија, испрати слична порака до Кремљ. Тој тогаш рече дека „нема да биде можно да се победи Украина доколку претседателот не прогласи општа мобилизација“.

Путин (се уште) не се одлучил на таков потег, можеби затоа што конечно ќе мора да го напушти својот наратив за „специјална воена операција“ во Украина и да признае дека Русија всушност е во војна.

Меѓутоа, во септември минатата година, поради големите загуби на силите кои првично беа испратени во Украина, рускиот претседател беше принуден да прогласи „делумна мобилизација“ при што, со значителни проблеми, беа собрани околу 300.000 војници. Воените аналитичари, пак, посочуваат дека приказната не завршила тука, туку дека во Русија цело време се спроведува прикриена мобилизација за надополнување на силите во Украина.

Слични содржини