Еден од учесниците во атентатот ДОВЕРЛИВ СОРАБОТНИК НА АМЕРИКАНСКАТА ДЕА

од Stefanija Kuzmanovska
378 прегледи

Еден од уапсените Американци, со потекло од Хаити, осомничен за учество во минатонеделниот атентат врз претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, бил соработник на Американската агенција за борба против дрога (ДЕА), тврди службеникот на таа агенција за „Ројтерс“.

Минатата недела властите на Хаити уапсија двајца Американци со хаитско потекло – Џозеф Винсент (55) и Џејмс Соладгес (35) и ги обвинија за соработка со 26 Колумбијци во убиството на претседателот на Хаити.

Сепак, службеникот на ДЕА, кој разговараше со репортерот на „Ројтерс“, не сакаше да го открие неговиот идентитет и одби да потврди кој од двајцата уапсени Американци, по потекло од Хаити, бил соработник на ДЕА.

„Еден од осомничените за атентатот врз претседателот Хаити Моиз беше доверлив соработник на ДЕА“, изјави анонимен службеник на американската Агенција за борба против дрога, додавајќи дека осомничениот ја контактирал ДЕА по атентатот, од каде му било укажано да се предаде.

– Ова лице не дејствувало во име на ДЕА – нагласи анонимниот соговорник на „Ројтерс“ и додаде дека осомничениот не бил активен информатор за време на атентатот.

Третиот Американец со хаитско потекло, Кристијан Емануел Санон, беше уапсен од властите на Хаити во неделата и обвинет е дека е „мозокот“ на атентатот.

Министерството за правда на САД вчера објави дека властите на Хаити побарале помош во истрагата за атентатот врз претседателот Моиз и потврдија дека Министерството се согласило да се вклучи и да помогне во истрагата.

– Првичната проценка на ситуацијата беше спроведена од високи американски претставници на Хаити – рече портпаролот на Министерството за правда во Вашингтон, Ентони Коли.

Слични содржини