Еден загинат, двајца повредени во ноќешниот руски напад врз Киев

Како што соопшти претседателот Володимир Зеленски, на остатокот од украинската територија, уште едно лице го загубило животот во руски воздушни напади, а уште 13 лица се повредени.

од desk2
4 прегледи

Едно лице загина, а две се повредени при руски ракетни напади што ја погодија украинската престолнина Киев изминатата ноќ, соопштија локалните власти.

Имало вкупно четири ракетни напади, во четири делови на градот, а оштетени се станбени згради, супермаркет, влез на метро-станица и основно училиште каде што избувнал и пожар, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Како што соопшти претседателот Володимир Зеленски, на остатокот од украинската територија, уште едно лице го загубило животот во руски воздушни напади, а уште 13 лица се повредени. Во ноќешните напади на Украина, руските сили освен ракети користеле и дронови и артилерија, соопшти Зеленски.

Инаку, по фронтовите линии во Украина, вчера армијата учествувала во 122 битки со руските сили, јави државната новинска агенција Укринформ.

Според извештајот, Русите извршиле два ракетни напада со 5 ракети, 53 воздушни удари со 71 интелигентни бомби и испратиле 1.427 дронови-самоубијци. Истовремено, извршени се и 4.327 артилерски напади врз украински позиции.

Од битките со директна конфронтација, најжестоко било околу градот Покровск, каде руските сили извршиле 36 различни напади.

Покровск е важен стратегиски транспортен центар во западниот дел на Донецката област и е речиси целосно уништен, но украинските сили уште даваат отпор и не се повлекуваат. Руските сили напредуваат од север и од југ.

Слични содржини