Албанија во вторник ќе отвори нов кластер во преговорите со ЕУ, соопштуваат официјални извори. Делегацијата предводена од премиерот Еди Рама ќе учествува на третата Меѓувладина конференција со Европската унија во Брисел, на која ќе биде отворен шестиот кластер „Надворешни односи“. Овој кластер опфаќа прашања поврзани со надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Албанија доби пофалби за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, особено за воведувањето санкции против Русија по агресијата во Украина, како и за ставовите во однос на безбедносните прашања во Европа и конфликтите, вклучувајќи го и оној во појасот Газа.
Конференцијата следи по претходната, одржана во Луксембург во октомври, кога Албанија отвори пет поглавја од првиот кластер, вклучувајќи судство, права, набавки, статистика и финансиска контрола. Овие области се клучни за евроинтеграцијата, особено поради нивната важност за борбата против корупцијата, организираниот криминал и зајакнувањето на правосудните институции.
Преговорите за членство на Албанија во ЕУ, започнати во март 2020 година, напредуваат со предизвици. Албанските медиуми потсетуваат дека долги години прогресот на Албанија беше врзан со Северна Македонија, но неодамна двете земји тргнаа по одвоени патишта.
И покрај предизвиците, премиерот Рама е оптимист, истакнувајќи дека очекува процесот на преговори да заврши до 2027 година, а Албанија да стане полноправна членка на Европската унија до 2030 година.