Единицата за брзи артивистички акции постави „солидарни пунктови“: На ѓубрето местото му е во канта (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
147 прегледи

Поттикнати од последните анализи и истражувања дека во поголем дел од Шведска воопшто нема ѓубре и затоа го увезува од странство за да ги продолжи процесите на рециклирање со кои произведува огромни количества електрична енергија и гориво, Единицата за брзи артивистички акции на повеќе локации во главниот град постави канти за ѓубре или таканаречени солидарни пунктови со цел да и’ помогне на оваа скандинавска земја.

„Со оваа акција би сакале да ги мотивираме нашите граѓани да бидат солидарни со пријателската Шведска и воедно да размислиме за нашата повеќедецениска традиција на фрлање и трупање ѓубре насекаде.

За потсетување, уште од почетокот на 90-тите години, Шведска применува сеопфатен систем за селектирање и рециклирање на отпадот. Низ ревидирање на законската рамка и во тесна соработка со стопанството и граѓаните, Шведска направи еколошки свесно општество.
Затоа пак, кај нас мака мачиме со собирање на ѓубрето, појавувањето на бројни диви депонии, ѓубре низ природата и насекаде каде што поминало неговото височество Човекот.

Оттаму, апелираме до локалната и централната власт да обезбедат:
– ефективен систем за рециклирање и заштита на животната средина;
– почитување на законите;
– постојана едукација и подигање на свеста;
– оптимален број на канти за ѓубре за селекција на отпадот;
– редовно празнење и сервисирање на веќе поставените, оштетени канти за ѓубре и контејнери (од користење или негрижа).

До граѓаните апелираме – на ѓубрето местото му е во канта! Скопје не заборава дека е град на солидарноста! Драги сограѓани, сега е моментот да се обединиме и да му помогнеме на братскиот шведски народ!!!, споделуваат од Единицата за брзи артивистички акции.