Западот ги укина санкциите против 55-годишниот руски олигарх Олег Тинков, кој често ја критикува руската инвазија на Украина. Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Тинков рече дека се надева оти одлуката ќе ги поттикне „кукавиците“ во московската елита да зборуваат против инвазијата на Владимир Путин.
Олег Тинков, кој успешно ги оспори санкциите на Велика Британија оваа недела, изјави за „Фајненшл Тајмс“ дека руските олигарси ќе бидат „инспирирани да се спротивстават на војната доколку Западот е подготвен да ги укине санкциите“.
„Направена е грешка, сега ја поправија“, рече Тинков. „Но, тоа е добро за нив, бидејќи можат да им покажат на другите руски бизнисмени, кои се обединети околу Путин благодарение на санкциите, дека можете да ја напуштите Русија и да отидете во цивилизираниот свет“.
Тинков е еден од ретките олигарси кои го осудија Путин и од почетокот на војната зборува против Путин и тврди дека земјата тоне во фашизам. Тинков во знак на протест се откажа од руското државјанство.
„Треба да изберат стол и да седнат на него“
Антивоените коментари, рече тој, го чинеле пријателство со уште неколку руски милијардери.
„Многумина престанаа да зборуваат со мене затоа што се исплашени. Престанав да разговарам со другите затоа што се кукавици“, рече тој.
„Треба да изберат стол и да седнат на него. Седењето на две столчиња како што тоа го правеа во последните 30 години, со куќа во Белгравија и пријателство со Путин, повеќе не функционира. Кој вели дека на олигарсите нема да им снема се за пет години? Јас лично не верувам дека Русија има иднина се додека Путин е на власт. Сите овие средства ќе бидат префрлени само од едно на друго лице. Нема закони, нема судови. Денес победуваш, а утре губиш, тоа е руски рулет“, вели Тинков.