Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ

од Nikola Popovski
167 прегледи

Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и државната секретарка, Магдалена Несторовска, остварија работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.

„Одбележуваме една година од работата на македонската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со цел да ги одбраниме нашите границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија, и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“, истакна Бојмацалиев во изјава за медиумите, заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите кои ги направија Договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.

„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме, и од пред некое време имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справување со миграцијата. Од земја која бараше помош од другите држави за справување со миграција, сега нудиме помош“, рече Бојмацалиев, стои во соопштението од МВР.

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан на 26-ти октомври 2022 година во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тоа е прв ваков договор помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија на македонски јазик. Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија.

Со договорот ФРОНТЕКС, заеднички е оценето дека е направен нов чекор напред во европското единство, во коешто активно придонесува Република Северна Македонија и од позицијата на земја преговарач со Европската Унија, а којашто, како што е безрезервно изразено, е очекувана и добредојдена во скоро време во Унијата, како полноправна членка.

Со влегувањето во сила на овој Договор, се овозможува, на барање на нашата држава, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Република Северна Македонија и исто така ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење како и можност да се користи целата опрема на ФРОНТЕКС.

Слични содржини