Една изборна единица, невозможна мисија или нова реалност – Ова прашање се отвори по вчерашната дебата во Собранието, иницијатива зад која застанаа владејачката СДСМ и 15 пратеници од помалите политички партии, но и по негативните реакции од Демократската Унија за Интеграција и ВМРО-ДПМНЕ. Аналитичарите се согласни со премиерот Зоран Заев, дека оваа промена на изборниот модел би значела демократизација на државата, но сепак се скептични дека ќе се имплементира за изборите кои следат, односно за 5 ипол месеци од сега.
Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека овој модел најмалку им одговара на големите партии, па затоа не е сигурен дека без консензус ќе се направи промена на изборниот модел.
„Една изборна единица ќе ја демократизира Македонија, но овој модел не им одговара на големите партии. Не сум сигурен дека без консензус ќе се направи оваа промена. Овој модел ќе направи партиите да коалицираат според програма, а не по интерес. Сепак сметам дека иницијативата е задоцнета, бидејќи доаѓа 5 ипол месеци пред избори“, вели експремиерот Бучковски за Локално.
Според поранешниот пратеник Насер Зибери, една изборна единица ги застапува интересите на сите групи и помали политички партии.
„Јас сум поборник за една изборна единица, тоа ги застапува интересите на сите групи, а воедно и значи дека најголемите партии нема да создадат монопол како во овие 30 години“, рече Зибери во изјава за Локално.
Против изборниот модел се изјасни и ДУИ. Пратеникот Артан Груби истакна дека политичките партии усогласиле измени на Изборниот законик, во кој не се предвидува промена на изборниот модел.
„Ние остануваме на формалниот состав кој што дискутира промени на изборниот законик и тоа е во рамките на Министерството за правда. Неделава имавме сите средба, и политички партии, невладините организации и меѓународни организации и веќе сме усогласиле текст на предлог-закон кој што во себе ги инкорпорира сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси претседателски, локални избори и референдум и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел“, истакна Груби.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат дека не треба да се менува изборниот модел на неколку месеци пред закажаните предвремени парламентарни избори
„Нашиот став е добро познат и јасен и многу пати кажан во јавноста, прво што треба да се направи е да се усвојат препораките од страна на ОБСЕ ОДИХР и секако на канцеларијата на Европската Унија, и тука работните групи работат и се веќе во, можам да кажам, една напредна фаза. Очекуваме што е можно побрзо истите да се донесат бидејќи е неопходно, да не го оставаме тоа непосредно во периодот пред распишувањето, односно започнување на изборите“, рече Јанушев.
Според него, доколку има измени на изборниот модел, треба да се пристапи кон мнозински модел со 120 изборни единици.
„Секако дека она што го предлагаме го оставаме како една отворена врата да продолжиме со разговорите, нормално ако најдеме заеднички јазик, онака како што е правено секогаш во минатото со консензус помеѓу политичките партии истото да се случи и во идниот период“, рече Јанушев.
Експремиерот Владо Бучковски пак, смета дека мнозинскиот модел со 120 изборни единици не е модел кој би можел да се имплементира во државава.
„120 изборни единици е систем кој за наши услови не е добар за демократијата. Може да се случи да има мала разлика во гласовите, но сепак една партија да има дво-третинско мнозинство“, заклучува Бучковски.
Според поранешниот пратеник, Насер Зибери, ако се променува изборниот модел, треба да биде единствено за една изборна единица.
„Тоа би значело напуштање на пропорционалниот модел, односно менување со мнозинскиот изборен модел. Тоа го имавме во првите парламентарни избори по независноста, но сепак сметам дека треба да го задржиме пропорционалниот модел, а промените да бидат за една изборна единица“, додава Зибери.
Во меѓувреме, пратениците ги подготвуваат измените кои треба да стигнат кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој потоа треба да ги достави до сите пратеници. И додека единствено СДСМ преку премиерот Зоран Заев најави поддршка на измените, ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека граѓаните и на овие избори треба да гласаат на актуелниот модел, односно Северна Македонија со шест изборни единици.
Александар Тодески